Екстерното тестирање ги крена на нозе учениците низ земјава. Протести против новините во образованието денеска се одржаа во Струга, Струмица, Прилеп и Тетово, а за утре е најавен протест и во Скопје.
Денеска пред Општина Струга на протести организирани од средноошколците се искажа незадоволство од екстерното тестирање, јавуваат членовите на Медиа арт клубовите на МОФ.
Средношколците протестираат бидејќи сметаат дека ваквото тестирање е бескорисно и стресно за нив но и заради тоа што ваквиот начин на потврдување на нивното знаење не е реално.
Преку 10 илјади луѓе го најавиле своето присуство на Фејсбук во групата наречена „Заедно против екстерното тестирање“, каде се најавува утрешниот протест во Скопје, кој ќе започне пред споменикот на Мајка Тереза во 12 часот.
Министерството за образование и наука најави дека екстерното оценување ќе биде спроведено од 27 мај до 10 јуни. Учениците ќе полагаат по два предмета кои ќе бидат избрани по случаен избор, а за тоа кои предмети ќе ги полагаат, учениците ќе бидат информирани седум дена пред почетокот на тестирањето.