Господар на студентите

Најпрво, одма да кажам дека ни знам, ни ме интересира како функционира кај нас студентското организирање. Се изгледа како да се држи во тајност и како да зборуваме за митски суштества. Единствено нешто што јавноста го знае е дека (моментално) на власт (па може да ја наречеме власт) е Кирил Спировски. Кире во овие 4 месеци нема да дискутирам што направил, а што не направил.

Јас само знам дека наеднаш кажаа дека го избрале како нов претседател на СПУКМ, а никој не знае кога и како се гласало. За момент да се запрашаш дали е ова сцена од Монти Пајтон. Никој не гласа, а сепак на некој магичен начин, се избира нов претседател. Овде не станува збор за Дамата од Езерото, да му го фрли Екскалибур на Кире со кој ќе стане крал на сите нас, туку по партиски систем, си доби кандидатура. И тој како Гај Јулие Цезар, дојде, виде, и победи.

николај

И сега што? Пак ништо, ништо не се променило. Студентите пак си се жалат, не дека така се научени, туку никогаш никој не им помага. Лош избор на предмети, лош професорски кадар (каде чест случај е асистент повеќе предавања има отколку самиот професор), лоши услови за учење, хаотични испитни сесии, студентски прашања повеќе збунуваат отколку што помагаат… и уште многу други проблеми.

Ако сакаме да го нешто да промениме, мора тоа да го започнеме од самиот студент, па да одиме нагоре по скалилото. Според мене, одлично решение е да се примени системот на „куќите“ во Хари Потер. Во серијалот, во Хогвартс, има 4 куќи (Грифиндор, Хафлпаф, Рејвенклоу и Слитерин), каде што за секоја група од студентите има по еден постар студент кој се грижи за нив и нивните потреби, и сите тие одговараат кај еден професор кој е главен во таа куќа. Тој систем колку и да звучи смешно може одлично да успее и кај нас.

На комплексот факултети, исто и ние имаме 4 (правен, економски, филолошки и филозивски), наместо група од студенти, ги делиш по година (за прва студент од втора е одговорен, за втора студент од трета итн.), мандат им трае само една година и ништо повеќе и деканот одредува по еден – двајца професори да им бидат достапни на одговорните во секое време за што и да е проблем да го решат. И за крај, селектираш секоја година студент од тие што се во последната година од студии, да биде главен на тие што се за секоја година одговорни, и тој ќе ги претставува идеите и ставовите на студентите од својот факултет. Убавината во ваков систем е тоа што, имаш многу луѓе со распределена одговорност, и не може толку лесно да се манипулираат, зашто секоја година се менуваат и си добиваат различни обврски.

николај 1

За крај, не мора се од ова да се воведе, но барем да се започне да се размислува за менување на неуспешниот систем е доволно добар знак дека може и подобро да биде кај нас, и притоа да имаме посреќни и позадоволни студенти.

Николај Митрески