Овој текст е поглед од страна на состојбите во студентското сместување во домот „Гоце Делчев“ во Скопје. Пишува српскиот блогер и младински активист AlternadiL:
„Во Скопје навратив на враќање од Крушево. Морав да преспијам во Скопје поради повратниот билет и другарката ме покани кај неа во студентскиот дом. Јееееее! Студентски дом! Никогаш не сум спиел во кој било дом, ни како студент. Но, знаев како изгледаат. Anyway, се најдовме, испивме кафе и тргнавме до собата да ги оставам работите пред прошетката.
Веќе на самиот влез во домот „Гоце Делчев“ – шок! Дали влегувам во некој распаднат дом за пензионери или во место во кое живеат студенти? Хм. Портирница, која едвај може така да се нарече. Минуваме покрај ликот што тука работи, Марија му се јавува, а тој нè запира. Бара моја лична карта како би го забележал мојот престој. Марија ми објаснува дека ова е првпат вакво нешто да се случи/ „Нови правила“, вели. Мене тоа ми е сосема нормално за студентски дом, но во овој изгледа не било. Се обидуваме да го викнеме лифтот, но тоа се покажува како невозможна мисија.
„Работи само некое време во денот и тоа во еден правец“, вели Марија (се надевам дека добро се сеќавам). Качувајќи се по скалите, морате да се лувствувате нелагодно, особено ако сте, како јас, првпат во Домот. Тесни скали, мрак на спратовите, од страните исечени радијатори, нафрлани еден врз друг. Како да слегувам во некој подрум од хорор-филм, а не да се качувам по скалите на студентски дом!
Кога конечно стигнавме на спратот на кој живее Марија, има и што да се види. Уште потесен ходник, врати исчкртани со спрејови, валкано…. Пред станот ходникот дополнително се стеснува, така што со ранецот, едвај влегувам. Добро е што девојките се слаби :) Да не го заборавам важниот факт – на скалите сретнавме студенти задлабочени во своите разговори, ама среќни!.
Видов дека собата толку мала што не може да биде помала, но за тоа подоцна. Ги оставивме работите и тргнавме во прошетка со другарот на Марија, Миро. Фин дечко. Прошетавме наоколу, зборувавме за се и сешто и на враќање се навративме и на темата на домот „Гоце Делчев“. Собата се плаќа 60 евра и со тоа оди еден оброк, ако не се лажам. 60 евра за она?! Тоа е грабеж!
Тогаш имав можност малку подобро да ја погледнам надворешноста на објектот, сите згради, кои се поврзани со нешто што личи на затворен мост. „Не е во функција“, вели Миро. „Го затворија за да не се случуваат самоубиства. Ги привлекуваше луѓето да се фрлаат одозгора. Хех, како да не можат тоа да го направат од некое друго место. Го решија проблемот, што се однесува на нив“. Се согласувам, климајќи со главата. Страшно.
Бев само во една зграда, па го прашувам како е во другите. „Исто“, одговара. „Се сеќавам, еднаш се обидов да ставам клинец во ѕидот, да закачам слика. Нема шанси! Тоа е чист, тврд бетон. Цел дом е направен од чист бетон. Можев само да го скршам клинецот.“ Седнавме на клупичка пред зградата на домот да се одмориме и да го продолжиме разговорот.
За тие 15-20 минути видов десетици млади кои поминаа покрај нас, влегувајќи и излегувајќи од домот. Прашав каков е животот овде, со заклучок дека мене ме потсетува на гето, а не на студентски дом, ако се земе предвид дека нема светло пред зградите и дека ние седевме во темница. „Каде има млади, таму има и забава и смеење“, одговара Миро. „Секој вторник и петок се организираат забави, а цел спрат станува дискотека. Некои од тоа не можат да спијат, но добро, барем има забава“. Марија ме потсетува дека во нејзината зграда видовме врати на кои пишува „фитнес“ и слично, што се уште некои од активностите.
Се простуваме со Миро и тргнуваме накај собата, на спиење. Одиме и на терасата, Марија сакаше да ми го покаже видикот. Прекрасен поглед. И тука среќаваме млади, насмеани луѓе, студенти. Марија ми објаснува дека некогаш покрај терасата имало кујна, но дека сега и неа ја претвориле во соба и ја издаваат. Нејзината сегашна соба, која таа ја дели со цимерка, има отприлика четири квадратни метри. Огромниот прозор залепен со силикон изгледа ужасно.
Девојките се потрудиле да направат симпатична собичка од ова што го имаат, што донекаде и им успеало. Бањата е посебна приказна. Вратата (помала и потесна од обична врата) едвај се отвора затоа што нема простор, па мораш да ја држиш за да не удри во орманот. Бањата повеќе може да се нарече ВЦ. Едвај можам да се свртам, а висок сум 180 цм. Црево за туш вградено во лавабо. Се е зарѓано и дотраено. Размислувам….. И овде живеат девојките? Некој допушта тука да се живее? И да се плаќа за тоа? Ми објаснуваат дека ова е најевтината варијанта. И најповолна, со оглед на тоа што факултетот им е блиску. Што да прават….. Се обидуваат ова што го имаат да го направат подобар простор за живеење, лепат работи по ѕидовите, го обогатуваат просторот со книги, разгледници од патувања… Се снаоѓаат. Живеат.
Утрото, на поаѓање накај станицата, сево ова го гледам и на светлото на денот, т.е утрото. Жалосно делува домот „“Гоце Делчев“. марија ми кажува дека кога врне, се случува вистински поток меѓу зградите и дека е навистина невозможно да се прејдат 200-те метри до автобуската постојка. Уште една главоболка за студентот! Заминувам и го пишувам ова со надеж дека некој ќе го прочита и ќе направи нешто за да ги подобри условите за живот на студентите во домот „Гоце Делчев“. Сигурен сум дека не сум првиот што пишува за овие проблеми, Бидете хумани!