Разочарани бидејќи во 21 век треба да се чека на дождот и ветрот да го исчистат воздухот, повеќе од 20 граѓански организации, движења и иницијативи повикуваат на масовен протест во понеделник пред Владата. Организаторите најавија дека својот револт и страв од алармантното загадување ќе ги изразат пред најодговорните за состојбата, како и дека ќе повикаат проблемот да биде сфатен најсериозно.
Гадми Мехмети од тетовската граѓанска иницијатива „Еко герила“ се надева дека маката за почист воздух ќе ги зближи граѓаните во решавање на заедничкиот проблем.
„Очекувам луѓето да не бидат себични и без разлика на нивната национална, партиска и било која припадност да излезат и да го дигнат својот глас за нешто што е заедничко за сите нас – воздухот. Ако не за себе, би сакал тоа да го направат за нивните деца“, повика Мехмети.
Во понеделник, граѓанските организации заедно со своите поддржувачи ќе побараат конкретни мерки од институциите. Александра Бујароска од Фронт 21/42 укажа и на постоечките сет мерки кои државата е должна да ги преземе при загадување подолго од 24 часа, а не ги спроведува. Мерките се однесуваат на сообраќајот, индустриските капацитети, градежните работи, користењето на обновливи извори на енергија.
„ Забрана за возење на коли коишто користат стандард под Еуро 4 и исклучување на дизел возила. Дополнително, она што го бараме од секторот во однос на транспортот е една координација помеѓу градските општини со МВР да го извршат тоа сопирање на сообраќајот. Во однос на индустријата, тоа што го предлагаме е стопирање на индустриските процеси, не засекогаш, но дефинитивно кога има алармантна состојба. Тоа не е пракса што ја бараме само кај нас, туку тоа е пракса што се случува во голем број држави. Другиот сектор којшто исто така го тангираме, се однесува на секторот градежништво. Кога постои алармантна состојба на загадувањето, подолго од 24 часа, тоа што го бараме од општинските инспектори е да истапат на терен со контроли и да побараат сопирање на тој градежен процес“, посочи Бујароска.
Таа нагласи дека здруженијата ќе го бранат ова човеково право и институционално, со акт што ќе може да го применат сите општини коишто сакаат да се побунат за мерките што не се спроведуваат.
Од битолското здружение „За нас се работи“’ и скопската иницијатива „Скопје смог аларм“ апелираат овој проблемот да биде приоритетен, бидејќи во спротивно, најавија дека се спремни да ги блокираат сите градови што имаат проблем со загадувањето.
Протестот е најавен како национален и ќе се започне во 17 часот.