Полека , но сигурно расте граѓанската свест за загадувањето на воздухот во Скопје, децидни се учесниците на дискусијата „Граѓански бунт за воздух“ во која зборуваа претставници на граѓанските иницијативи „Ќе дишеме или ќе издишеме“, „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош“ и „Стоп за смрдеата во Аеродром и Лисиче“. Тие во прво лице раскажуваат за последиците од загадениот воздух, за активноста на иницијативите во кои учествуваат и за потребата надлежните да имаат повеќе слух за барањата на граѓаните.
Ангела Илиевска од „Ќе дишеме или ќе издишеме“ побара надлежните институции да објаснат каде одат парите наменети за намалување на загадувањето и се пожали на игнорантскиот однос на институциите кон здруженијата што се борат против загадувањето.
„Потребно е да се направи нешто на државно ниво“, истакна таа укажувајќи на потребата од здружување на иницијативите за постигнување на заедничката цел – почист воздух.
Осврнувајќи се на последиците од загадениот воздух, таа додаде дека над 870 000 лица во земјава имаат заболувања на респираторниот систем, а зборуваше и за сопственото искуство и шетањето по клиники поради силните алергии.
Ленче Данаиловска од „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош“ ги повика и опозициските и владејачките партии да се вклучат во заложбите за почист воздух, но побара и да запре неконтролираната изградба во Скопје и сечата на дрвја во главниот град.
„Почнавме да се тркаме кој е позагаден“, рече таа, споредувајќи ја концентрацијата на прашината во воздухот во Карпош и Аеродром.
Нејзината сосетка, дел од иницијативата за зеленило во Карпош, Невена Георгиевска пак забележа дека и самите закони кои обезбедуваат граѓанско учество се само форма, како и дека постојано се соочуваат со сопки и дупки во нив.
„Затоа народот се обесхрабрува. Но, не се откажуваме“, рече Георгиевска и најави дека иницијативата „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош“ активно ќе продолжи со работа.
Мерима Кондов, од „Стоп за смрдеата во Аеродром и Лисиче“ алармираше на се уште слабата свест кај жителите на нејзината општина кога се работи за загадувањето на воздухот. Затоа , порача таа, потребна е поголема масовност на граѓаните во борбата за своите права.
„Кога еден народ за својата околина прави нешто, тогаш се е можно“, истакна Кондев.
Во недела таа најави дека повторно се размислува за протестен собир, за чист воздух, пред општината Аеродром.
„Тие што ќе не претставуваат да размислат пред да дигнат два прста пред да донесат одлука. Тоа им е работа“, порача таа.
Учесниците во дискусијата изразија сомнеж за безбедноста на новото средство , калциум магнезиум ацетат, со кое почнаа да се премачкуваат неколку улици во Скопје и Тетово. Тие побараа од надлежните издржана студија за ефектот од него, како во намалувањето на загаденоста на воздухот, така и во однос на штетноста по здравјето на граѓаните.