Премиерот Никола Груевски во интервју за Сител најави изградба на нов студентски дом за 500 до 1000 студенти, за кој Владата веќе барала локации.
„Многу краткорочно, денеска веќе се преземаат активности за тоа што се случи во домот Гоце Делчев околу прокиснувањето. Ние како влада имаме донесено интерна одлука за изградба на нов студентски дом во Скопје, рече Груевски.
„Се што е реновирано или изградено од ново е откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт. Планираме да почнеме подготовки за градба на нов студентски дом кој би сместил од 5000 до 1000 лица зависно од потребите. Размислуваме за локацијата каде ќе биде. Разгледуваме варијанти во Центар, Гази Баба, Ѓорче, во наредните десетина дена би требало да ја одредиме точната локација“, рече Груевски.
Премиерот вели и дека во Владата размислуваат како да најдат начин, ако е можно, да се забрза започнатото реновирање на домот „Гоце Делчев“.
Ветувањата на премиерот и на министрите за подобрување на студентските услови започнаа уште пред неколку години, кога светот дозна за мизеријата на македонските студенти. Но, и покрај ова, условите не се подобрени, особено во руинираниот „Гоце“. Пред неколку недели, се урна плафонот во еден од ходниците, додека викендов, по силните врнежи, студентите објавија слики од поплавени делови од домот, за кои велат дека се секојдневие во есенските и зимските месеци.