Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се обрати пред насобраните пред седиштето на Државната изборна комисија, соопштувајќи дека партијата вечерва имала состанок на Извршниот комитет на кој е донесен проглас со кој, како што рече, „ги информираат сите оние чии очи се вперени во одбраната на Република Македонија“, пренесува агенцијата Мета.
„ДИК донесе незаконски одлуки со цел изигрување на изборната волја на народот. Работата на ДИК се претвори во пародија. Имаме информации за вмешување на странски претставници со цел вршење влијание на некои членови на ДИК, со цел да се вклучат во постизборната машинерија да ја сменат волјата на народот. Некои незаконски одлуки на ДИК може да ги коригира Управниот суд и затоа повикуваме да не се врши притисок врз Управниот суд. Доколку Управниот суд ги потврди одлуките на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на прегласување“, рече Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече и дека „нема да дозволат аболираниот криминалец Зоран Заев да формира влада со украдение гласови“.
„Државата мора суверено да ги носи одлуките. Некои амбасадори почнаа премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата. Тоа мора да запре. Остануваме отворени за соработка и комуникации со амбасадорите. Но, амбасадорите кои се мешаат мора да престанат тоа да го прават. ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на состаноци и преговори во кои учествуваат амбасадори или други странски претставници, на кои се носат одлуки за кои одлучуваат претставниците избрани од народот – рече Груевски, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифаќа „нестандарди и хибридни решенија кои ги нема во земји членки на ЕУ“.
Додаде и дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи кантонизација и редефинирање на државата по било какви услови, а ќе се борат и за „десоросоизација Македонија“ и за јакнење на граѓанскиот сектор.
На крајот од своето обраќање, Груевски рече дека прогласот е за заштита на демократијата во Македонија и оти протестите пред ДИК се „крик за зачувување на демократијата, за никој да не може да ги фалсификува изборите“.
Во меѓувреме, поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ се уште протестираат пред ДИК уште од пладне, за како што велат, да не им биде украдена изборната победа. Меѓу нив можат да се видат транспаренти против американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли, и за поддршка на Доналд Трамп. Беа одржани неколку говори, а и денес можат да се забележат зурли и тапани.