Електронскиот состав GusGus, чија кариера се протега низ цели 20 години, на 22 април ќе настапува на Скопскиот саем.
„Бендот е една од ретките појави на оваа сцена кои успеале да останат релевантен музички фактор толку долго. Составот ротираше повеќе имиња, но од основачите во бендот се уште членуваат Биги Веиран и Даниел Агист, а во моментов трет член е Хогни Егилсон, велат организаторите од Win Music Freedom.
Се работи за состав формира во Исланд во 1995 година како филмско/музички колектив. Нивниот прв издаден албум станува најпродаван во Исланд, а веќе следната година потпишуваат договор со издавачката куќа 4AD.
„По издавањето на Polydistortion (за 4AD/Warner) во 1997, GusGus го бетонираат својот статус на едни од најбараните електронски бендови на планетава. Низ кариерата GusGus продуцираат секакви можни електронски жанрови, од техно до трип-хоп, од хаус до прогресив, па и поп“, стои во најавата за настанот.
Според најавите, настанот започнува во 23 часот, локална поддршка ќе бидат Кантон6, Зоки бејбе плус специјален гостин, чие име засега не се открива.