Харис Бабачиќ во 2015 година година дипломираше на Медицинскиот факултет во Скопје со просек 10, за веднаш потоа да замине на пост-дипломски студии по епидемиологија на универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен. Прогласен за најдобар студент во генерацијата, гласен кога станува збор за бранење на правата на студентите и медицинарите, во интервјуто за Радио МОФ раскажува за животот во Германија, за одлуката да замине во странство, но и за револтот од корупцијата, партизираноста и лошите работни услови во медицината во Македонија.
Неодамна заминавте од Македонија, која беше главната причина?
Одлуката за напуштање на својата држава за барање некаков поубав живот надвор од неа е многу тешка и повеќефакторна. Мнозинството луѓе го сакаат своето огниште, своето дома, какво и да е. Едноставно, тоа е местото каде сте родени, сте израснале, сте се изградиле како личност, онаму каде што се вашите најдраги, семејството, пријателите, онаму каде сте поминале некои од најубавите и најбитните животни моменти… Тоа место нè прави тоа што сме, но и ние го правиме местото да биде она што е, со нашето останување или заминување. Од кажаново верувам дека разбирате дека постои силен мотив кој и покрај сите убавини и сета топлина на домот ве тера да ја донесете таа одлука да заминете и да домот ви стане дестинација на патување.
А мотивите и факторите се бројни и како да се прелеваат еден во друг: нефункционални институции, извитоперена демократија, високото ниво на корупција, партизираноста, поделеноста, гневот, огорченоста, напнатоста, невработеноста, лоши работни услови (особено во медицината и науката), неможност за напредување во кариерата… И таа атмосфера е сеприсутна. Не можете да ја избегнете. Но најлошо од сè е тоа чувство на апатија,чувството дека не можеме да се оправиме и немањето желба да го направиме тоа. И ќе седнете и ќе извагате дали да останете во својата драга државичка каде сите овие фактори ќе ви прават огромен, секојдневен притисок и ќе ве попречуваат во придонесот кој можете да му го дадете на општеството од кое сте никнале, а многу често и ќе ве спречат во тоа. Или од друга страна ќе прифатите друга опција, која не е лесна, но нуди многу можности за напредување и развој на највисоко ниво и придонесување од некаде надвор.
Колку беше тешко носењето на одлуката за заминување од Македонија? Какви се можностите кои ги нуди Германија за младите лекари од Балканот?
Исклучително тешко, како и на повеќето верувам. Но сум сè посигурен во тоа дека ќе биде од корист и за мене и за останатите. Германија е голема и силна држава, која нуди многу можности, но и бара голем ангажман. Вратите се отворени за младите лекари и медицински лица од Балканот, но секако со сите мерки кои германскиот систем ги предвидел за зачувување на квалитетот на потенцијалните професионални мигранти. И постои тренд на професионално мигрирање на голем број здравствени работници од Македонија и соседните држави. Смешна е тезата која се промовира во јавноста од Министерството за здравство дека проблемот со мигрирање на здравствени работници во Македонија може да се спореди со Германија и како тоа е глобален тренд. Да, професионалното мигрирање е глобален тренд, но Германија има исклучително прецизен план и стратегија за како да се справи со истиот и покрај големиот број жители, за разлика од нас каде здравството е вовлечено во една популистичка политика.
Колку беше тешко привикнувањето на германскиот начин на живот? Како сте примен во новата средина?
Минхен е интернационален град, така што има сè за секого. Можностите се големи, условите се многу убави, градот е прекрасен – баланс на старото и новото, со многу паркови и зеленило. Двата најголеми универзитети во државата – Лудвиг Максимилијан и Техничкиот Универзитет се наоѓаат во Минхен и имаат извонредна академска заедница која е општествено и економски многу активна, локално и глобално.
Животот е скап, но стандардот е висок. Условите за живот се убави, како и работните услови. Постои некоја специфична минхенска култура на љубезност, пријателска настроеност и алтруизам. Затоа и често бива меѓу топ 10 најдобри градови според квалитет на живот. Она што не е тешко да се прифати се некои културни разлики и навики за кои требаат пар месеци за адаптирање. Многу потешко се прифаќа носталгијата. Но живееме во време кога транспортот е подобар, побрз и поефтин и за кратко време и лесно сте во јужното дома.
Бевте доста гласен како дел од Студентскиот пленум, посебно кога станува збор за бранење на правата на студентите по медицина и идните лекари специјализанти. Мина повеќе од една година од студентските протести, неодамна протестираа и младите лекари барајќи подобри услови за работа и за специјализација. Сепак институциите молчат на овие барања. Каков е вашиот став за овие случувања и колку е важно да се биде гласен во ваквите барања?
Па институциите кај нас молчат на сè што не им одговара. Или смислуваат медиумски и политички спинови во меѓувреме. Министерот за здравство, со својот тим, во неколку години, експресно донесе закони и законски измени кои се нефункционални а предвидуваат казнени мерки за лекарите поради таа нефункционалност. Тодоров со својот тим прескокнува редица реформи кои треба да се воведат во здравството кои би овозможиле инфраструктура за да она што е донесено како законска измена а е во поглед на регулативата биде реалност. Истите тие закони изгледаат како да се донесени хировито по предлог на една група на луѓе околу Министерот, без детална анализа и мислење од надворешни и внатрешни експерти. Министерот нема диплома во дејноста со која раководи – ниту е медицинско лице ниту е експерт по здравствен менаџмент или па здравствена економија – па не ме чуди што нема визија за здравството и медицинската едукација во државата. Но она што уште повеќе иритира се тие популистички мерки кои се екплоатираат во медиумите а кои не се ни оддалеку решение за проблемите во македонското здравство. Проблемите се огромни наспроти смешното убедување на јавноста дека македонското здравство е меѓу најдобрите во Европа. И упорно не се согледуваат од раководството на Министерството. Впрочем се игнорираат. Се игнорираат и сите мислења и барања и на професорите и на студентите и на специјализантите.
За актуелниот проблем за специјализантите – не смее да се прифати ни привремено, ни парцијално решение. Мора секој еден кој работи полно работно време како лекар и дежура да биде вработен, прима плата и биде осигуран. Тука нема што да се дискутира за дали, туку за како да се направи тоа. Проблемот е комплексен, а се надоврзува и на проблемот со медицинската едукација воопштено, но решение има. Тврдењето дека нема друго решение значи едно од следниве: неискрена желба, немањето цел, недостаток на капацитет, непостоење на мотив, неразбирање, или сите заедно. Но колку некој и да нè игнорира и колку и нешто да не изгледа возможно, многу важно во секоја борба за промени, а и воопшто во животот, е чистината на мотивот и упорноста. Не е лесно и нормално е нивната сила да осцилира, но не смееме да се откажеме. За среќа сè уште има свеќи во мракот.
Што треба да се промени во Македонија за младите високообразовани луѓе да останат во земјава? Какви се плановите?
Треба да се променат сите оние фактори спомнати некаде погоре. Всушност треба едноставно да прекинеме да гледаме во минатото и да го укинеме дотокот на токсичноста во општеството која една група на луѓе ја долева. Доволно е тие луѓе да заминат и да работите ѝ ги препуштат на младата интелигенција. Да не помисли некој дека мислам само на сегашната власт и другарчињата им сегашни политичари, туку воопштено на тој сој на луѓе кои гледаат и живеат во минатото, кои шират омраза, деструктивност, поделби, теории на заговори, луѓе кои заробеноста од сопствениот ум ја трансферираат и на други. Тоа мора да престане. На младите им е веќе доста и сакаат едно ново, поубаво утре. Сакаат движење, напредок, лезет. И тоа ќе се случи, само треба да бидеме трпеливи.
Што се однесува до мене – планот е да си продолжам по својот пат, притоа не заборавајќи од каде сум. И понатаму следам и ќе следам и ќе си ја смирувам носталгијата со чести доаѓања, гледајќи да придонесам колку што можам. Така размислуваат и голем број од оние кои заминале само географски, но со мислите се тука. Во меѓувреме ќе исчекуваме некое поубаво утро.
Ј.Ј.