Хелсиншкиот комитет отсега ќе им обезбедува бесплатно правно советување на граѓаните со оштетен слух (глуви и наглуви лица), ќе ги информира за нивните права и обврски, а ќе помогне и во воспоставување на комуникацијата со државните институции согласно националното законодавство, соопштија денеска од Комитетот.
Ваквата реакцијата доаѓа по вчерашниот протест пред зградата на Министерството за труд и социјална политика, кога овие лица побараа оставка на моменталниот претседател на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица поради неранспарентно работење, но и ревизија на работењето на Сојузот.
Во врска со изјавата на министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, дека протесет бил на погрешно место, односно дека тие се ненадлежни за работата на Националниот сојуз за глуви и наглуви лица, од Хелсиншки имаат поинаков став.
„Мислам дека на право место беше протестот. Токму Министерството за труд и социјална политика е тоа што треба да врши надзор над работата на Националниот сојуз, тоа е она што има таква задача“, забележува Уранија Пировска, од Хелсиншкиот комитет.
Според неа, сосема е оправдан револтот на глувите и наглуви лица, за кои како што вели, нема доволно толкувачи, немаат непречен пристап до институциите, а со самото тоа и директно им се загрозени основните човекови права.
Според регистарот кој го води Министерството за труд и социјална политика, на околу 6000 глуви и наглуви лица има 12 толкувачи на цела територија на Република Македонија. Затоа, стои во соопштението од Хелсиншки, тие се загрижени за пристапот до права и правда на оваа категорија на граѓани особено затоа што Република Македонија со ратификацијата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост има обврска да обезбеди услови за целосен пристап и остварување на граѓанските, политичките, економските, социјалните и културни права.
Хелсиншкиот комитет го поздрави ревидирањето на Националната стратегија за изедначување на правата на лицата со инвалидност 2010-2018, но потсетуваат на потребата за имплементирање во пракса, за да не се дозволи оваа категорија на граѓани да останат невидливи, затворени во своите домови и без можност за социјализација и интеракција во општествениот живот.