Хрватска пред полноќ затвори седум од осумте премини на границата со Србија на неодредено време поради големиот прилив бегалци, соопшти хрватското Министерство за внатрешни работи. Отворен е единствено главниот премин Бајаково, на автопатот Белград – Загреб. Исто така, Хрватска ја стави во состојба на готовност војската, откако над 11.000 бегалци влегоа во земјата во изминативе два дена.
Сепак, и покрај блокадите на хрватските власти, стотици бегалци во текот на ноќта илегално влегле во земјата, изложувајќи се на опасност да наидат на неисчистени мински полиња од војната во 90-те, јавуваат медиумите. Пограничното гратче Бели Манастир е претворено во голем камп за бегалци, во кој има околу 8.000 луѓе, голем број од нив жени и деца.
Тие почнаа да пристигнуваат во Хрватска во средата, кога Унгарија ја затвори границата со Србија, со што беше пресечена главна рута за нивен влез во Европската унија, преку која само годинава поминаа над 200 илјади бегалци, повеќето од нив од Блискиот исток и Авганистан.
Во меѓувреме, Словенија, која е следната земја на патот на бегалците до Австрија и Германија, соопшти дека го прекинува железничкиот сообраќај со Хрватска.