Средношколците во Делчево денеска повторно излегоа на улица да маршираат против новите образовни реформи. Под мотото „Стоп за лошите реформи во образованието“ уште еднаш го искажаа својот револт против задолжителното полагање математика на државна матура и начинот на кој се полага екстерното тестирање. Со денешниот марш тие најавија дека ќе го прекинат бoјкотот кој го започнаа пред два дена.
Како што информираат, денеска во 10 часот се одржал состанок помеѓу претставници на Советот на родители и Училишниот совет на кој се решило бојкотот да се стави во мирување до петок бидејќи се чека одговор од Министерството за образование и наука.
Извикувајќи „Не за математика“, стотина средношколци од Делчево тргнаа од средното училиште „Методија Митевски – Брицо“ кон општинската зграда каде ги оставија барањата. На маршот присуствувале мал број професори.
„Поголемиот дел од професорите и директорката не нè поддржуваат“, вели ученичка во средното училиште „Методија Митевски – Брицо“.
Претходно, на средношколците им беше ветена средба со заменик-министерот Спиро Ристовски на која ќе кажат зошто се против новиот концепт на државната матура и екстерното тестирање.
Вчера пак, министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми изјави дека идејата на средбата е само да им се претстават предностите на средношколците со новиот концепт на матура. Лично, не гледа зошто би требало да се тргне екстерното тестирање.
„На средбата би сакал да слушнам аргументи. Ние ќе ги изнесеме нашите аргументи, доколку има од нивна страна аргументи што се издржани секако дека ќе ги имаме предвид“, рече вчера Адеми.
Сепак, како што велат учениците, во случај да не бидат прифатени нивните барања не ја исклучуваат можноста од понеделник повторно да маршираат.