Студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип се приморани да платат по 210 денари за Студентски парламент и Студентски правобранител . Како што може да се види од уплатниците кои се достапни на веб-страницата на факултетот, студентите не можат да запишат нов семестар доколку не ги достават овие уплатници при уписот.
Според Законот за здруженија на граѓани и фондации, членството во некое здружение, како што е Студентскиот парламент, се врши на доброволна основа. Пред три години, долгогодишната пракса на принудување на студентите да станат членови на Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (СПУКМ) беше укината, и сега оваа обврска за студентите на УКИМ е факултативна. Зошто ова не важи и за останатите универзитети во државата?
Проректорот на УГД, Кирил Барбареев, за Радио МОФ вели дека студентите мора да ги плаќаат овие уплатници бидејќи Универзитетскиот сенат донел таква одлука.
„Тоа е сметка на Студентскиот парламент и тие средства со кои располага парламентот се единствено за нив и тука Универзитетот не учествува во трошењето на средствата. Тие изготвуваат посебна програма, која ја одобрува Универзитетскиот сенат и постапуваат по неа“, вели тој.
Според Барбареев, за прашањето за членарината во студентските парламенти е потребно отварање на дебата.
„Бидејќи студентите мора да учествуваат во телата на универзитетот, од највисокото како Универзитетскиот сенат, до одредени комисии, што ќе се случи ако студентите не се договорат или имаат 10, 20 или, 50 здруженија. Тогаш кој ќе учествува во телата на универзитетот“, вели Барбареев.
Поранешниот студентски правобранител на УКИМ, Никола Главинче за Радио МОФ вели дека на УКИМ, одлуката студентите да не мора да плаќаат за членарината во Студентскиот парламент е донесена под притисок од Сенатот на Универзитетот.
„Во УКИМ кога бев правобранител се обратија до мене група на студенти од повеќе факултети и јас поведов иницијатива, преку Ректоратот до Сенатот и побарав да се донесе одлука со која ќе му се наложи на Студентскиот парламент да не ги обврзува студентите да плаќаат. Побарав на факултетите да им се наложи во потребните документи за упис да ја исклучат уплатницата за платена членарина во Студентскиот парламент, бидејќи членството е слободна работа, кој сака да се зачлени може да се зачлени ако сака да плати, а ако не сака, не мора да плати“, вели Главинче.
Радио МОФ неодамна објави дека илјадници денари за непотребни уплатници се бараат од студентите за да можат да се запишат и на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Едно од најспорните плаќања кое се бара од студентите е потврдата за уплатени 150 денари за „солидарен фонд на студентите за Студентски парламент за потпорно здравствени, рекреативни, спортски активности за студентите на универзитетот“, кое се врши на жиро сметката на Здружението на Студентски парламент.
„Ситуацијата е иста и на УГД, а студентите кои на некој начин се избориле со референтот на студентски прашања за да запишат година и не платиле за СП, сега не можат да дипломираат. Страшно е ова што се случува“, ни се пожалија студентите.
Во 2010 година, за слична ставка за плаќање во Студентскиот парламент која се бараше од студентите при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, „Слободен Индекс“ поднесе претставка до Уставниот Суд. Тогашниот министер за образование и наука, Никола Тодоров како и ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски тогаш потврдија дека членувањето во Студентскиот парламент е факултативно и студентите доколку не сакаат, не мора да ја плаќаат оваа уплатница. Тогашниот претседател на СПУКМ, Иван Живковски изјави дека студентските парламенти ќе ги враќаат парите на студентите кои тоа ќе го побараат.
К.О.