Илјадници Каталонци на завршниот собир пред утрешниот неизвесен референдумски ден

Десетици илјади Каталонци, приврзаници за отцепување од Шпанија, во празнична атмосфера учествуваа на синоќешниот митинг пред неизвесниот референдум закажан за утре.

Регионалниот претседател, Карлес Пуигдемонт, го заврши митингот со уверување дека Каталонија го почнува процесот на независност, кој на граѓаните ќе им обезбеди право да бидат признати на глобално ниво.

„Пријатели, бидејќи победата е извесна, утре облечете се во референдумска облека и одете дома подготвени да ја менувате историјата“, рече Пуигдемонт пред насобраните.

Тој и неговиот претходник, Артур Мас, потоа се упатија на маршот низ Барселона каде сцената беше обележана со текст со огромни букви: „Референдум е демократија“.

Приврзаниците на референдумот по настанот почнаа да ги окупираат гласачките места, како отпор кон шпанската власт. Тоа може да доведе до пресметка со полицијата, која има наредба на референдумскиот ден да ги затвори избирачките места и референдумот да не се одржи.

Кампањата за независност и покрај тензиите беше мирна и Пуигдемонт изјави дека не очекува насилство.

„Не верувам дека ќе има некој кој ќе се послужи со насилство или кој би сакал да испровоцира насилство за да ја наруши беспрекорната пацифистичка слика на движењето за независност на Каталонија“, рече тој.

Илјадници дополнителни припадници на полицијата се распоредени низ Шпанија во напорите на шпанската власт да го спречи референдумот.

 

Гугл, под изговор дека спроведува судска одлука, ја блокираше апликацијата која ги насочуваше граѓаните до нивните гласачки места.

Шпанскиот Уставен суд нареди суспендирање на референдумот.

 

 

Каталонската владејачка коалиција претходно најави дека ќе прогласи независност во рок од 48 часа, доколку на гласањето победи одговорот „да”.