„Инклузивна прошетка“ – настан на 5 октомври за поддршка и здружување со лицата со атипичен развој

„Сакаш да дадеш поддршка за различностите? Ти недостасува дружбата со пријателите и другарите? Ти недостасува рекреација? 5 октомври е датумот на кој можеш овие работи да ги комбинираш и оствариш“.

Вака гласи најавата за „Инклузивна прошетка“, настан поттикнат од Денис Јанкуловски – Космонаутко кој ќе се случува во градски парк Скопје од 11 до 13 часот.

Се работи за прошетка од збирното место кај споменикот на Гоце Делчев, низ паркот, па се’ до хотелот „Александар Палас“.

„Зошто – 1. За да дадеме поддршка на нашите атипични другарчиња и нивните семејства, уште еднаш да покажеме дека ние сме тука за нив. 2 – За да се видиме и помуабетиме во една опуштена и релаксирана атмосфера, да прашаме, да се запознаеме, да дознаеме како ние може да придонесеме. 3 – за да се релаксираме од глупостите и мачнотии со кои сме бомбардирани. Кој е поканет – сите, тоа значи атипични, типични, мали и големи, вораст од 1 месец па се’ до сите месеци, со куче или точак, тивки или гласни, вакви, такви, онакви, инакви. Секакви, различни но и многу слични. А сите насмеани, значи буквално секој кој сака да се дружи, да си помине убави дружбени саати и да покаже дека прифаќа и почитува. Што треба да донесете – насмевки, прегратки, расположение и многу многу љубов. Битно – пешачиме онаму каде можат сите да се движат“, стои во најавата за настанот.

Јанкуловски посочува дека идејата е вакви дружби да се прават секогаш кога ќе дозволат временските услови, да стане еден вид традиција. Неформални, опуштени, разговорни, другарски.

„Оваа дружба на 5 октомври ја правиме во сабота заради други фактори, но начелно ‘Пешачиме за поддршка’ ќе биде во недела, независно дали е секоја недела, еднаш или двапати месечно. Ве чекаме на прошетка муабет. Гуш и бац од Космонаутко“, стои во соопштението за настанот.