Игор Лазаревски: Македонија не е место каде би можел законски да живеам со својот сопруг

Игор Лазаревски е млад Македонец, кој пред три години реши да го напушти својот дом и сето она што го создал во Скопје, за да се пресели во Канада. Тој сега работи во  финанскиот сектор во Канада. Но, финансискиот напредок не била мотивација за тој да замине, туку неможноста да ја регистрира врската со својот партнер во Македонија. За Македонија вели дека не е местото каде би сакал да живеат, кога и во 2016 година постои диктатура. Во интервју за Радио МОФ, Лазаревски вели дека имал среќа што покрај себе имал луѓе кои ја прифатиле неговата сексуална определба. Сепак, жали што сега тој не може да биде во Скопје и да ги поддржи во Шарената револуција.

Колку беше тешко да се напушти Македонија и кои беа причините да се преселите во Канада?

Има неколку причини, но најголемата беше тоа што мојот сопруг е канадски државјанин и живееше во Македонија скоро четири години. Но, неговиот престој зависеше од неговата работна дозвола, а бидејќи во Македонија нема геј бракови, или како било трајно да се регулира неговиот статус, решивме дека најпаметно е ние да дојдеме овде, каде јас имам статус на жител, и на иден државјанин. Тоа е најголемата причина, додека втората причина е поврзана со нашата власт. Десет години гледаме како оваа власт ги уназадува и гази основните човекови права во Македонија и ја прави Македонија држава каде што не е пожелно да се биде, бидејќи ние скоро десет години живееме во диктатура. Тоа не е место каде јас би сакал да живеам, сепак е 2016 година, мислам дека не е време за диктатури.

Што ја прави Канада привлечна дестинација за еден млад човек?

Мислам дека многу работи ја прават Канада да биде привлечна земја за емиграција, да не беше така, државата немаше да го ограничува бројот на доселеници на 300 000 на годишно ниво. Канада е место каде секој може да се најде себеси и да најде луѓе слични на него или на нејзе. Сепак, секогаш ќе има некој што нема да се препознае во работите што ги кажувам, но во глобала ова е особено точно за големите градови како Монтреал, Ванкувер и Торонто. Секогаш ќе бидеш прифатен без разлика каков да си, и различноста е нешто со коешто луѓето овде се гордеат. Тоа се слави и е многу света работа во Канада. Друга работа е тоа што Канада нуди можности коишто се релативно подеднакви за сите да успеат. Но, Канада има и неколку бариери. Зависи колку добро го зборуваш јазикот, тоа е една голема бариера, којашто дефинитивно ќе игра улога како ќе се снајдеш во оваа држава. Второ, е нивото на образование што го има некој, и трета е начинот на којшто може некој да проникне во одредено друштво, да се спојуваш со луѓе, и да се запознаваш нови луѓе. Но, ако сите тие три работи ги имаш, мислам дека еден човек може релативно брзо да се снајде и да живее добро. Но, искрено не беше поради кое дојдовме тука. Финансискиот момент не беше пресуден да се дојде во Канада.

Кои беа тие права и слободи што Канада ви ги пружи, а ги нема во Македонија?

Да почнеме со причината поради којашто дојдов тука. Јас сум признаен како сопруг на мојот сопруг, нешто што во Македонија беше невозможно. Значи, во Македонија ние сме ништо. Тоа самото по себе повлекува многу работи. На пример, ако тој, или јас умрев во Македонија, сето тоа што го имаме заедно, на другиот нема ништо да му следува. Неговиот статус во Македонија не би можел да се регулира врз основа на нашата врска.  Тоа се некои работи кои јас, или тој во Македонија, едноставно не можевме да ги имаме.

Друга работа е тоа што има законска рамка што нé штити од дискриминација. Во Македонија, како што знаеме геј луѓето се ставени под „разно“ во Законот за заштита од дискриминација. Претходно, сексуалната ориентација беше ставена во предлог законот, но бидејќи ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно поради тоа што е десничарска партија, или нема доволно храброст да застане на вистинската страна на историјата, едноставно ЛГБТ популацијата ја стави под точка „разно“.

Со какви предизвици се соочувавте со вашиот сопруг додека бевте овде?

Мислам дека ние сме страшно малцинство од грото геј луѓе во Македонија. Многу работи во животот се чиста среќа и во какви кругови се дружиш, така што најискрено ние проблеми немавме. Бевме опкружени со феноменални луѓе коишто гледаат нанапред, а не наназад. Но, да се каже дека геј популацијата нема проблеми, тоа би било чиста лага. Ние законски проблеми имавме, што е исто така голема работа. Можеби луѓето околу мене не ми правеле никакви проблеми, но самиот факт што тебе законскиот статус ти е нејасен е огромен проблем. Без таа законска рамка всушност немаш ништо. Сето тоа што го имаш е чиста среќа Ако имаш законска рамка којашто те штити можеш да се одбраниш  Но, без неа  сè е под знак прашалник. Луѓето прашуваат зошто нема некој што отворено живее во Македонија. Има, не многу, но прашањето е зошто да има кога нема никаква законска заштита.

Во последниве неколку години, во Македонија се појави тренд на иселување на млади луѓе, во којшто несакајќи се најдовте и вие. Од вашето искуство, зошто младите се решаваат да заминат од државата и да се дел од тие 600 000 иселени лица, како што покажуваат одредени статистики?

Мислам дека одговорот на ова прашање е многу едноставен. Македонија веќе десет години уназадува и тоа многу брзо.  Кога имаш  20 или 22 години, или  уште имаш доволно надеж во себе, или наивност, мислиш дека работите можеби ќе се подобрат. Но, како што сè повеќе старееш, гледаш како работите многу пострашни стануваат. Општеството станува многу затворено, националистичко. Не се зборува за тоа што се случува во светот, туку те навраќаат наназад во историја, те враќаат 2300 години наназад, за да зборуваш за некој со којшто немаш никаква врскиа Се зборува за религија секој ден, иако ти можеби не се религиозен, општеството со нетрпение гледа кон оние коишто се различни,  и е вечно на граница на некаков меѓуетнички судир. Економски, иако бројките се можеби позитивни, сите гледаат дека животот секојдневно не им се подобрува којзнае колку, и дури животот можеби им оди на полошо. Гледаш дека државата нема никаква европска перспектива. Слободни медиуми има сé помалку. Луѓето се плашат да кажат дека моменталната власт не е како што треба. Зошто тогаш некој би останал во Македонија?

Во Македонија сè поретко можат да се видат млади луѓе да разменуваат идеи за култура и за работи што се случуваат во светот што ги засега и нив, а сè повеќе за партии и партиска политика. Колку им се важни овие работи на луѓето во Канада, со оглед на тоа дека минатата година на власт дојде младиот Џастин Трудо, после десетгодишно владеење на својот претходник, и како целокупно влијаеше оваа промена врз државата?

Минатата година, бидејќи беше изборна мислам дека луѓето беа опседанти со политика, Секое општество е до одреден степен опседнато со политика, не може да се побегне од тоа. Но, разликата помеѓу Македонија и Канада е тоа што твојот политички став не игра никаква улога во тоа дали ти утре ќе имаш, или не, работно решение. Така што, дискурсот околу политика е повеќе разменување на идеи, отколку перење памет некому. Луѓето минатата година многу зборуваа за политика, бидејќи, тоа десетгодишно владеење на конзервативците беше проблематично и слично на она што се случува во Македонија. Економски, работите не одеа на добро. Почна да подбуцнува недоверба кон имигрантите, до таму што владата отвори бесплатна линија на којашто луѓето можеа да се јават и да пријават варварски обичаи, што е многу дубиозна категорија. Се создаде една атмосфера каде на луѓето им беше преку глава од тие глупости што конзервативците ги правеа и се појави моментум да се смени моменталната власе и да дојде некој што ќе ги води луѓето нанапред.

Три години во Канада – сигурно има моменти кога ви недостасуваат фамилијата и најблиските?

Секако. Мене ми е многу жал што моментално не сум во Скопје да бидам дел од протестите. Цело време ги следам бидејќи верувам дека она што сега се случува во Македонија е еден многу важен момент за нашата историја како држава.

Од една страна можеме да се вратиме во Македонија; никој реално не нè прогонил од Македонија. Но како треба да создадаваме заеднички живот кога мојот сопруг можат да го депортираат бидејќи не може трајно да го регулира своето жителство во Македонија? Затоа сме во Канада. Но, сето тоа доаѓа со многу голема цена. Луѓето во мојот живот стареат. Некои сега имаат деца, убави работи им се случуваат, а јас не можам да бидам дел од тоа.

Е.П.