Дваесет и пет годишниот студент на Медицинскиот факултет Стефан Василевски е еден од двајцата кандидати кои се пријавија на скоро распишаните избори на Студентскиот парламент при УКИМ. Тој е и потпретседател за финансии на Светската федерација на асоцијации на студенти по медицина. Неговата програма ветува многу, од реновирање на читални во студентски домови, до изградба на студентски град. Тој ја доби поддршката од шест факултети, меѓу кои и Медицинскиот, Економскиот и Факултетот за физичка култура. Во интервју за Радио МОФ, Василевски вели дека е решен да учествува на овие избори, без разлика кога ќе се одржат, додека прашањето за легитимноста смета дека е најдобро да се остави по изборите.
Студентска картичка, санација на читалните во студентски домови, реафирмација на студентското радио… ова се дел од проектите кои ги ветувате во вашата програма. На кој проект би му дале предност во однос на важноста и прв би го почнале, доколку бидете избран за претседател на СПУКМ?
Во мојата програма нудам една нова димензија на студентското движење. Таа димензија опфаќа и други проекти освен тие што ги набројавте. Мислам дека испуштивте да кажете многу круцијални проекти, како што е поттикнувањето на научно-истражувачката работа. Тоа е една нова дејност, која мислам дека досега не е зборувана помеѓу младите и студентите, а е сериозна работа за која ние треба да се нафатиме понатаму, бидејќи научно-истражувачката работа е тоа што го движи светот и младите понатаму, и тоа што ги развива нациите и цивилизациите.
Со моето досегашно меѓународно и домашно искуство, како прво нешто што ќе го направам јас доколку бидам избран за претседател на Студентскиот парламент на УКИМ, е да направам голема екипа и структура на луѓе од сите факултети, што ќе опфати буквално од секоја струка. Затоа што, мојата програма, која е сепак прелиминарна, сакам да биде детално разгледана од повеќе глави, бидејќи повеќе глави се секогаш попаметни од една.
Во вашата програма стои дека не е потребно реновирање на студентските домови, туку нов студентски град. Како би се реализирал овој проект, ако знаеме дека со години се чекаше реновирање на само еден блок од студентскиот „Гоце“?
Веќе 25 години ништо не се прави за подобрување на овој стандард, освен секако, мора да се кажат одредени пофалби за некои работи што се направиле, но сепак, тоа е премалку. Мислам дека доколку ние одиме на ново ветување, нова тактика за реновирање на сите домови, тоа може само да се пролонгира и на крај да не биде успешно. Јас не сакам во мојот мандат да изгледам како себичен, да се направи сè во мојот мандат. Јас би бил среќен доколку ова се направи во следните пет до десет години, бидејќи овој проект како студентски град, со кој ќе се најде финално решение за секој студент во Република Македонија, треба да опслужува на следните генерации, до наредните најмалку 50 години. Јас сум човек кој оди на големи работи, и досега сум успеал во полето каде што сум работел претходно, така што мислам дека и во овој проект ќе најдам финансии, разбирање од многу луѓе, затоа што ова е „државнички проект“, ова не е личен, или проект битен само за студентите. Овој проект е битен за целата држава.
Но, тука најважен дел е поддршката од студентите, од невладините и останатите студентски организации. Мора да се седне заеднички, да се тргне се на страна и да се гледа само напред за реализација на овој проект.
Споменавте и дислокација на студентскиот дом „Кузман“, кој има атрактивна местоположба во центарот, а на негово место да се изградат згради. Како тоа планирате да го изведете?
Ова го давам само како идеја за понатаму, која треба да биде разгледана од професионалци, од полето на економијата, архитектурата, за урбанистичко планирање итн. Но, мислам дека локацијата на домот Кузман би било многу добро решение, доколку би можело да се продаде на приватен инвеститор, а од тој инвеститор и од тие пари што би се продал, да се изгради целосно нов студентски дом. Или пак, да се побара од инвеститорот да донира студентски дом, а не да ја добие таа локација само за негови урбанистички планови. Сепак, ова е само моја идеја, ако некој експерт го прочита моето интервју слободно нека ме контактира, доколку мисли дека би можело да се реализира, мислам дека е едно убаво решение. Кој не би сакал да има студентски дом?
Вие имате посетено некој од студентските домови?
Да, имам посетено студентски домови, не само во Република Македонија, туку во секој континент на светот. Разликата е очигледна, но сепак треба да се знае дека и разликата во државните уредувања, во платите е различна. Не можеме ни е да се споредуваме со една Германија. Можеме да се стремиме да одиме кон тоа, но не и да се споредуваме со такви држави. Сепак, наше е да покажеме на светот дека една ваква мала држава може да ги стигне бар на едно младинско, студентско ниво.
Според достапниот правилник на СПУКМ, стои дека кандидат за претседател на организацијата не смее да биде постар од 24 години. Вие, според биографијата, имате 25 години. Се плашите дека ова може да ја доведе во прашање вашата легитимност за кандидат за претседател на СПУКМ?
Вие најверојатно гледате во стариот правилник. Јас го проследив повикот, прашав и за годините и за образованието и ми беше кажано од СПУКМ дека никакво влијание немаат годините на мојата кандитатура. Секоја организација, со нивно собрание може да си го менува својот статут, но за ова прашање би замолил да разговарате со моментално претседателство.
„Студентите не треба да заземат нем став при измените во Законот за високо образование“, се вели во вашата кандитатура. Пред два месеци, токму вашите колеги протестираа против измените во Законот за медицински студии. Бевте и вие на протестот за да ги поддржите?
Тој протест беше поддржан од нашата матична организација и беа скоро сите членови. Јас сум првиот човек во Република Македонија кој има излезено да се побуни против новиот закон за високо образование уште во 2013 година. Првата трибина што е организирана беше под мое покровителство, ние ја организиравме во деканатот на Медицински факултет, на која присуствуваше и тогашниот претседател на СПУКМ Кирил Спировски и студенти кои денеска се членови на Студентскиот пленум. Прв се имам бунето уште на првата најава за овој закон. Секој можен протест ние досега сме го подржувале, имало наши членови. Но, едно да знаете, ние кога и да сме се бунеле, сме нуделе и решенија, бидејќи јас мислам дека работата не е само да се излезе и да буниме туку треба и конкретни решенија да понудиме.
Како дознавте за изборите и како успеавте за десетина дена детално да ја подготвите кандитатурата и да добиете поддршка од факултетите?
Јас оваа кандитатура ја спремам повеќе од една година. Веќе една година чекам да се одржат избори и секој ден бев во неизвесност кога би се јавил таков повик. Така што, мојата кандитатура не е изработена туку-така, или случајно. Јас долго работев на оваа кандитатура, дури и кога се кандидирав за потпретседател за Светската федерација на асоцијации на студенти по медицина, јас им најавив дека доколку има избори во мојата држава дека ќе се пријавам. Сакам за мојата држава да постигнам, ја сакам татковината и сакам да направам сè за студентите на Република Македонија со моите квалитети. Објавата, пак, ја видов преку социјалните мрежи.
Изборите ќе се одржат во период кога голем дел од студентите не се во државата, или си заминале во своите родни градови. Кој е вашиот став за ова?
Секоја организација, секое претседателство си има свој статут и може да си распишат избори според правилникот на таа организација. Доколку моменталното претседателство на СПУКМ решило да распише избори сега, тогаш, јас како кандидат кој сака да дојде на чело на оваа организација со цел подобрување на студентскиот стандард, не ме интересира толку датумот кога би биле, колку што ме интересира да ги подобрам студентите стандарди и да се кандидирам. Јас секогаш сум спремен да одам на овие избори, без разлика кога и да се. Би сакал поконкретно да ви одговори некој од сегашното раководителство на СПУКМ, бидејќи не сакам да навлегувам во такви теми.
Но, студентите се тие кои ве бираат, не раководството на СПУКМ. Не сметате дека на ваков начин им се оневозможува правото за глас на голем дел од студентите?
Јас како што сум информиран, студентската година трае од 15 септември, до 14 септември. Не зборуваме за полагања, туку за годината. Исто така, сметам дека студентите кои би сакале да гласаат треба да се спремни и да дојдат да го дадат својот глас бидејќи се работи за нивната иднина. Јас ги повикувам да дојдат и да го остварат своето право на глас.
А дали би поддржале одложување на изборите во месец септември?
Веќе ви одговорив на ова прашање, јас сум спремен да одам на избори кога било и во кое било време.
Што за вас претставуваат успешно спроведени избори?
За едни избори да бидат успешни треба да има повик, тој повик веќе е релизиран и имаме двајца кандидати, кои треба да ги исполнат роковите и да се излезе на избори. На избори мора да се оди и тие избори ќе покажат колкава ќе биде излезеноста. Јас мислам да оставиме дали ќе бидат легитимни, или не за понатаму. Да дискутираме после излезеноста, бидејќи не знаеме колку студенти би излегле да гласаат.
Исто така, за да бидат легитимни, треба да се води една фер кампања помеѓу двајцата кандидати, треба да се дебатира. Јас би прифатил дебата со другиот кандидат и мислам дека е неопходна една таква дебата. Во наредните денови ќе видите што значи една успешна кампања и на кој начин ќе го правам тоа.
Е.П.