Протестите на студентите, на хонорарците, на новинарите, „Критична маса“ и речиси сите други протести изминативе месеци имаа поддршка од Борко, во јавноста познато како „кучето што протестира“.
Но, последниот протест на средношколците и на студентите помина без Борко, исто како и собирот на новинарите пред Владата што се одржа во вторникот. Активистите од здруженијата за заштита на животните велат дека кучето го нема веќе 15 дена.
Побаравме по фејсбук-страниците на здруженијата за заштита на животни дали некој има некаква информација што се случило со Борко и дали, можеби, некој го вдомил, но таму најдовме само објави во кои активистите велат дека кучето-бунтовник веќе две недели не е видено и дека се плашат дека можеби шинтерите од стационарот во Вардариште го имаат заловено вторпат, пишува Мета.
Бидејќи не можеле никаде да најдат информација за Борко, новинарите отишле во стационарот да проверат дали можеби е таму и дали вработените имаат некаква информација.
Вратата во стационарот, кој меѓу активистите е познат како „концентрационен логор за животни“, била затворена, иако на таблата пишува дека тој период е приемно време, во кое граѓаните можат да дојдат и да посвојат куче.
Пред вратата чекале десетина минути. На вработениот што им отворил, на почетокот не му се претставиле како новинари, туку му рекле само дека бараат куче кое го изгубиле. Ги пуштил да влезат во првиот дел и да го побараат кутрето. За жал, Борко не бил таму, но во мокрите кафези во кои може да се види само по една чинија со вода, а во некој кафез и измет, имало петнаесетина кучиња. На новинарите на Мета не им било дозволено да фотографираат.
Во стационарот во Вардариште има два дела – едниот во кој се кучињата за вдомување и вториот во кој најчесто не е дозволено да се влезе. Откако не биле пуштеин да влезат во вториот дел, се претставиле како новинари, па вравотените го викнале шефот, кој ги пуштил и ги прошетал во овој дел.
Го прашале за Борко, но им рекол дека не е заловен.
„Не е заловен, но сега прочитав дека веќе го нашле кучето. Знам дека веќе подолго време активистите го бараат“, им рекол на новинарите раководителот на стационарот.
Секој кој има каква било информација за Борко може да ја сподели на оваа страница.