Искра Донева: Со поезија им возвраќам на луѓето кои сакаат да ми помогнат

Луѓето кои се запознале или ја слушнале поезијата на Искра Донева знаат дека е јасна, кратка и искрена, впрочем како и нејзиното име. Светот на фантазијата и овозможил да биде се она што не може да биде во реалноста. Преку нејзината поезија таа им возвраќа на луѓето кои сакаат да и помогнат во борбата со церебрална парализа.

Искра нè прими во нејзиниот топол дом во населбата Ново Лисиче, каде ни објасни дека не се oбесхрабрува и не чувствува огорченост кон институциите, иако за голем дел од парите за терапијата и помагалата мора самата да се снаоѓа.

За неа најважна е дружбата со своите читатели. Меѓутоа, за подобрување на нејзината здравствена состојба треба да направи трансплантација на матични клетки во Москва за што и се потребни вкупно 70 000 евра. Токму поради ова, утревечер во кафулето „Децата од нашата улица“ ќе се одржи читање и промоција на нејзина хаику поезија – омилениот лирски жанр на Донева.

„Церебралната парализа е дијагноза којашто настанува во текот на бременоста или непосредно по раѓањето. Јас сум родена со царски рез и во инкубаторот снемало струја. Така всушност настанува оштетувањето и потоа следува рехабилитациски режим, кој е многу интензивен и се прави се што е возможно. Тоа подразбира многу вежби, различни третмани, витамини, начин на исхрана, масажи, пливање. Но, јас не признавам пречки, се е возможно само на поинаков начин, а тој начин подразбира ангажирање на човек околу мене, користење на некаков превоз, бидејќи не можам како било и некои други работи. Сето ова значи средства, многу помагала за да ми се олесни секојдневието. Како што забележавте немам ниту лифт во зградата, многу работи се непристапни, ама тоа не ме обесхрабрува во ништо“, вели Искра.

Таа се потсети на школските и факултетски денови, кога имала среќа да наиде на разбирање и солидарност меѓу соучениците и колегите. Објектите во кои ја следела наставата, како што појасни, не биле приспособени на нејзините потреби, но со упорност и позитивни мисли се обидувала да заборави на маката.

„Благодарејќи на мојата отвореност и пристап кон моите соученици, колеги и професори, ја имав придобиено нивната целосна поддршка и разбирање. Наоѓавме начини да се прилагодиме едни кон други, но секогаш остануваат оние минимални бариери во однос на просторот, како на пример неможноста да одам во тоалет затоа што не се приспособени, па снемало струја во лифтот… Меѓутоа, секогаш беа тука колегите да ја премостат таа пречка, ако треба и на раце да ме земат, да помогнат“, појаснува таа.

Институциите се друга приказна, вели Донева. Според неа, секогаш може повеќе, подобро и поинаку да се помогне.

„Наместо со огорченост или негативна настроеност кон нив, јас секогаш се обидувам да бидам конструктивна и да дадам пример со моето дејствување како нештата би можеле да бидат подобри и поинакви и како да се напредува, макар што тоа бара многу труд и заложби. Јас сум свесна дека не може ништо да се промени преку ноќ, но додека можам ќе правам се“, вели Донева.

Таа открива дека има уште десетина необјавени ракописи со хаику, и е децидна дека нема да се откаже од пишувањето се додека е во можност да го прави тоа.

„Хаикуто најчесто го објавувам затоа што се најкуси, а јас бидејќи бавно пишувам, најлесно ми е да ги фатам тие импресии, и бидејќи најчесто сама си ги спонзорирам книгите, тоа ми е најприфатливо за да го испечатам. Би сакала ако има повеќе луѓе коишто би можеле да го потпомогнат моето творештво затоа што целта е да се сподели, а не да стои во фиока“, вели Донева.

Таа е благодарна што во нејзиниот живот имало многу добри луѓе и ментори кои и помогнале. Со нејзината организација „Нова Искра“ се обидува да направи позитивни промени кај секој што се пронаоѓа во нејзината приказна.

„Би сакала да апелирам до оние кои се препознаваат во мојата мисија, доколку сакаат и имаат слободно време, идеја и сакаат да направат нешто добро затоа што имаат само искрена и чиста мисла, да ме побараат, да се приклучат, да се најдеме, бидејќи што повеќе се собереме, тоа подобро. Сметам дека секој во себе има некоја Искра која треба да ја разбуди и никогаш не е доцна, не само за мене туку и за другите да биде подобро“, повика Донева.

Од својот дом не испрати со шолја топол чај и мислата дека и покрај бројните предизвици, секој може да ја пронајде својата формула за среќен и позитивен живот.

Е.П.