Мнозинството средношколци не си ги знаат своите права. 32% од анкетираните ученици изјавиле дека воопшто не се запознаени, додека само 9% одговориле дека се многу запознаени со своите права, ова е клучниот податок од новото истражување за учеството на средношколците во донесувањето на одлуки во училиштата, објавено од здружението Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД), заедно со Фондацијата „Конрад Аденауер“.
Истражувањето покажува и дека дури 65% од анкетираните изјавиле дека учениците никогаш не учествуваат во работата на телата на училиштето – како наставничкиот совет или советот на родителите – додека само 9% изјавиле дека средношколците учествуваат во овие училишни тела.
Истражувањето е спроведено на национално ниво во периодот октомври-декември 2016 година, преку квалитативен пристап со 17 фокус групи средношколци и квантитативен пристап со теренско истражување на 470 испитаници во сите осум статистички региони во Македонија.
47% од испитаните средношколци одговориле позитивно, 40% негативно, а 13% не знаеле да одговорат дали постои тело кое ги застапува интересите на учениците. Скоро 20% од учениците изјавиле и дека не се чувствуваат доволно слободни да реагираат доколку не им се допаѓа некоја одлука.
Учениците биле поделени околу прашањето колку се цени нивниот глас од страна на училиштето и професорите. Скоро половина од анкетираните изјавиле дека нивното мислење е многу или делумно ценето, додека останатите сметаат дека малку или воопшто не се води сметка за нивното мислење, или останале неутрални по прашањето.
Целосното истражување можете да го погледнете ТУКА.