Изборите се начин да се каже гласно „за“ социјална правда

„Младите работат и при тоа заработуваат, градат семејство, градат сопствен дом и имаат убав живот тука во Република Македонија. За оваа слика да стане реалност, сум потребен јас, потребни сте вие и сите ние заедно“, порача Стефан Богоев од Социјалдемократската младина на Македонија на денешната трибина насловена „Гласно за социјална правда“. Тој како и останатите присутни се согласија дека престојните избори се шанса младите директно да се вклучат во донесувањето одлуки, со цел иднината да се гради според нивните потреби.

„Велат иднината на државата е во младите, а се повеќе истражувања покажуваат дека младите ја гледаат иднината во странство. Имаме навистина сериозен проблем. Но, младите не ја напуштаат државата од што сакаат, туку поради немање на перспектива, поради условите во домовите и катастрофалното образование“, рече Богоев.

Иако низ годините важеше тезата дека младите се апатични и незаинтересирани за она што се случува околу нив, според студентката Теодора Столевска од Младинскиот образовен форум, ова не е точно и тие едноставно немаат доверба во институциите. Таа вели дека двете најголеми грешки кои ги прави владата кон младите се несоодветниот начин на инвестирање на нивните пари, односно таа троши на книги кои не поттикнуваат интеракција и практични вештини, како и несоработката со младите за важни одлуки.

„Најголемата претпоставка е дека ние сме апатични, пиеме кафиња, излегуваме, седиме пред компјутер, но тоа е сосема неточно. Секогаш кога сме се вклучиле, а да потсетам Студентски пленум беше прв што се вклучи во општествените промени, наидувавме на минпулација, насилство, или посета на ЕБР. Кога пробавме да влијаеме на новиот Закон за млади, се соочивме со манипуалција, кога пробавме да ги спречиме нелигитимните студентски избори се соочивме со насилство, кога пробавме да избериме претставник за РИКО се соочивме повторно со манипулација“, рече таа.

Токму поради ова, но и поради наглиот одлив на млади луѓе од државата, пратеничката од Социјалните демократи на Словенија во Европскиот парламент Тања Фајон, ги повика младите да го остварат своето право на глас на престојните избори.

„Мораме да видиме промени, младите си одат од државата, има тешка економска состојба, а доаѓаат и избори. Така што, во последните два дена имав прилика да зборувам со Специјалната обвинителка (Катица Јанева), со граѓански организации и различни луѓе, и морам да кажам дека сакам да видам фер и демократски избори во Македонија. Тоа е една од целите со кои разговаравме со младите и граѓанското општество, за тоа какви промени можат да се направат. Мислам дека луѓето не треба да се плашат, постои слободен и таен глас и секој треба да знае дека нема да бидат казнети за тоа како ќе гласаат“, забележа таа.

Според Кнут Фленкенштајн, член на Социјалната Демократска партија на Германија и европратеник, важно е младите прво да размислат во какво општество сакаат да живеат.

„Тоа има многу врска со почитта и достоинството. Се работи и за демократијата, односно како младите се чувствуваат по образовниот процес и тоа колку општеството им наоѓа работа. Но, денес се случува општеството да им каже ‘извинете, драги, нам не ни требате’“, рече тој.

За Фленкенштајн, добар почеток е иницијативата која полека се создава во Европската Унија, а тоа е младинската гаранција, односно обврската на државата да им наоѓа работа на младите по завршување на нивното образование. Според него, ова не треба да биде првична цел само на ЕУ, туку и на сите земји кои се членки, или се обидуваат да бидат.

За еден млад човек да стигне до своето прво работно место, според Државниот завод за статистика, во просек би му требале пет години. Дотогаш, младите волонтираат, со надеж дека така полесно ќе стигнат до заработувачка. Ова пак, го измести поимот волонтирање кај свеста на луѓето, смета Златко Талевски од Младинскиот културен центар во Битола.

„Суштината на волонтирањето не е да се бара работно место и тоа е проблем кој го имаме во ова општество. Ние се уште не го разбираме значењето на волонтирањето. Тоа не е одговор за животното прашање како да се најде работа. За вработеноста има други мерки и волонтирањето не е тоа решение. Но, тука се праќа порака дека треба да чекаш некои пет години и да работиш без пари и кога-тогаш ќе најдеш работа“, забележа тој.

Е.П.