Здружените иницијативи „Излези за воздух“ најавија нови граѓански акции поради тоа што надлежните ги пробија сите рокови за преземање мерки за намалување на аерозагадувањето.
Како што се наведува во нивното соопштение, Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање и општините не презедоа ниту една од краткорочните мерки за намалување на канцерогените ПМ10 и ПМ2.5 честички, кои беа ултимативно побарани на протестот на 28 декември 2015 година. Министерството, додаваат од „Излези за воздух“, не ги имплементираше ниту мерките кои самите ги најавија на нивната официјална веб страница на 15 декември 2015.
„Сметаме дека надлежните, пред се Владата на РМ, МЖСПП и општините ја игнорираат оваа елементарна непогода и со тоа директно го загрозуваат здавјето и животот на граѓаните. Заради ваквото нивно скандалозно, незаконско и неетично однесување, 2015 година ќе остане запаметена по рекордното и незаконско аерозагадување.
За да ги спречиме институциите и понатаму да си поигруваат со нашето здравје и за да се избориме за уставното право за чист воздух и здрава животна средина, наскоро ќе започнеме со најавени и ненајавени граѓански акции. Роковите кои заедно со граѓаните им ги дадовме на институциите се прекршени и заради тоа ќе следува соодветен граѓански одговор“, соопштија од здружените граѓански иницијативи.
Во соопштението тие ги повторија итните мерки против загадувањето на воздухот:
-Изработување на план за изменет режим на сообраќајот кој ќе се активира во услови на надминување на граничните вредности на загадувачки материи во воздухот во времетраење подолго од 24 часа.
-Изработување и усвојувањето на истиот да биде спроведено со широко учество на јавноста и сите засегнати страни.
-Итно засилување на инспекцискиот надзор во услови на надминување на граничните вредности на загадувачки материи во воздухот во времетраење подолго од 24 часа и санкции за сите кои емитуваат над максималните гранични вредности. Ова подразбира работа на инспекцискиот надзор во 3 смени и задолжителна инспекција на индустриските капацитети кои подлежат на А и Б интегрирана дозвола, но и на депониите, градежништвото и неконтролираното спалувањето на отпад. Ова барање се однесува на сите инспекциски служби, вклучително, но не ограничено на државниот инспекторат, општинските инспекторати, како и комуналните редари.
-Усвојување на краткоточни акциони планови согласно член 27а од Законот за квалитет на амбиентниот воздух со кој ќе се предвидат соодветни мерки за намалување на загадувањето во услови на надминати гранични вредности во времетраење подолго од 24 часа, подолго од 5 дена и подолго од 10 дена.
-Мораториум на сечата на урбаното зеленило се до усвојување на Закон за унапредување и зачувување на истото.
-Ревидирање и унапредување на постоечкиот мониторинг на аерозагадувањето преку редовен сервис на мерни станици и поставување на нови.