„Во текстури” е насловена втората самостојна изложба на фотографии на Катја Штркова Кочовска, која ќе се отвори на 1 март, во галерискиот простор на НЛБ Тутунска банка.
Проектот се состои од фотографии кои вклучуваат субјект и архитектура од еден град, екстериер и ентериер од еден или повеќе објекти. Фотографиите се игра на сенки и форми, снимени во обичното „живеење” на градот во својата големина, со која фотографиите добиваат визуелно графичка нота. Во поголемиот дел од делата човекот т.е. субјектот има споредна, но истовремено и клучна улога, наспроти архитектонскиот елемент и композицијата во која е снимен. Темата се третира како т.н. соработка со објектот и човекот со својата форма и физикус, или спонтаната улога на човекот во шемата/текстурите на еден град.
Поднаслов на „Во Текстури” е „Јас и градот”, каде „ЈАС” е секоја единка во општеството, како и истовремено портрет на самиот автор и неговото видување на една средина. „ГРАДОТ“ е секое урбано место, затоа освен Скопје, има фотографии во кои им е доделена улога и на Велес, Ровињ, Пореч, Белград и др, појаснува авторката.
Изложбата ја сочинуваат 40 фотографии во црно-бела техника. Фотографиите не се пејсажни и не откриваат точна информација за кој град станува збор, главниот детал се дезените, формите и човекот кој помага да се оформи композиција. Проектот опфаќа дела снимени во изминатите 3 години, како и годинешни фото записи. Ова е прво самостојно концепт претставување на авторката со дела од жанрот на уличната фотографија, а второ самостојно изложување пред јавноста.
Отворањето е најавено во 20 часот, а изложбата ќе биде поставена до 7 март.