Фабриката за феролегури „Југохром“ од Јегуновце ќе паузира со работа од 31 декември, па се до крајот на февруари, 2016 година. Како што појаснуваат во соопштението, ваквата одлука е донесена поради енормното загадување на воздухот во Тетово.
„Имајќи слух за моменталната ситуација со загадувањето во Тетово, иако менаџментот на фабриката е на ставот дека „Југохром“ во стечај не е единствениот, а уште помалку најголемиот загадувач во регионот, донесе одлука за доброволно исклучување на двете печки кои се во функција, односно целосно затворање на производствениот капацитет. Прекинувањето на производството ќе трае од 31 декември до крајот на февруари следната година, кога, впрочем, и меторолошките услови најмногу влијаат на загадувањето на воздухот“, се вели во соопштението на компанијата.
Управата на Југохром информираше дека иако печките нама да работат, ќе продолжат сите планирани и договорени активности за имплементирање на еколошките стандарди и воведување на системот за отпрашување.
Најавите за прекин на производството во Југохром доаѓаат по прозивките од страна на еколошките здруженија во Тетово и масовните протести во градот минатата недела. Југохром веќе ги проби роковите за исполнување на потребните стандарди за добивање А интерирана еколошка дозвола, како услов за негово работење. Сепак кон крајот на минатата година Владата и даде рок од уште две години за исполнување на еко-стандардите. Како што тогаш информираа вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за животна средина Нурхан Изаири, на комбинатот му било наложено да го намали производството за 50 проценти, а ваквата одлука била „базирана на оптимален баланс на еколошки, социјални и економски аргументи“.
Фабриката во март годинава соопшти дека започнува со имплементација на проектот за изградба на филтер станици за прочистување на издувните гасови од производството на фабриката. Целокупната инвестиција која опфаќа изградба и опремување на три филтер станици според најавите беше планирано да заврши до крајот на оваа година.