Фабриката за производство на феролегури, Југохром од Јегуновце, започна со имплементација на проектот со кој се предвидува изградба на филтер станици за прочистување на издувните гасови од производството на фабриката, соопштија од компанијата.
Целокупната инвестиција која опфаќа изградба и опремување на три филтер станици е планирано да заврши до крајот на оваа година. Изградбата на филтер станиците чиј габарит ги надминува димензиите на производствените погони на фабриката треба да овозможи задржување на прашината која се создава со производство на феросилициум и прочистување на чадот кој се испушта од фабриката до ниво на концентрација на ПМ10 честички од 10mg/m³. Според позитивните прописи дозволената концентрација на ПМ10 честички во воздухот изнесува 50mg/m³.
Фабриката „Југохром“ од Јегуновце важи за еден од најголемите индустриски загадувачи во тетовско поради што жителите на овој град во неколку наврати организираа протести за чист воздух. Граѓанските здруженија од Тетово повеќепати изразија загриженост и поради продолжувањето на законскиот рок за имплементирање на еколошките стандарди за работа на еден од најголемите загадувачи на воздухот во полошкиот регион комбинатот „Југохром“.