„Која сила ќе го сопре гласот на студентите“, „Екстерно за Владата“, „Студенти – независни и силни“, „Сега ќе нè слушнете“. Ова беа само дел од скандирањата на повеќе од девет илјади студенти и средношколци кои денеска излегоа на скопските улици и маршираа по вторпат против владиниот предлог да се воведе државен испит во високото образование.
Илјадници студенти се собраа на платото на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде беа поддржани и од средношколците, професорите, но и многу други граѓани.
Студенката Анастасија Петревска од „Студентски Пленум“ изјави дека целта на протестот е Владата да го повлече предлогот за државен испит и конечно да разговара со студентите за позитивни реформи во образованието.
„Предлагаме повторно да се разгледаат акредитациите што им се дадени на различни факултети и универзитети и студентски програми и ако тие не се добри да се укинат, затоа што кога министер излегува со изјава дека е јавна тајна, дека секаде се купуваат дипломи, тогаш вината е нивна и тие треба да ги разгледаат лошите одлуки што досега ги направиле. Со колективна казна не може да направиме позитивни промени во образованието“, рече Петревска.
Маршот од пред платото на УКИМ тргна кон Собранието. Студентите ги повикаа сите граѓани да им се придружат и да дадат поддршка на нивните барања.
Кога студентите стигнаа до Македонската Радио Телевизија, тие застанаа и почна да извикуваат „МТВ овде сме“. Во близина на Мавровка, студентите повторно застанаа каде на албански јазик ги повикаа албанските студенти и граѓани да им се придружат.
[Видео] Масовен студентски марш во Скопје
Пред мостот кај Холидеј Ин, тие за момент застанаа и во еден глас ја пееја песната „Скопје радост ти ќе бидеш“. Следна дестинација беше Собранието каде студентите станаа погласни и извикуваа „Која сила ќе го сопре гласот на студентите“ и „Еве нè, тука сме“.
Студентскиот марш потоа се упати пред Владата каде присутните најмногу се задржаа и извикуваа „Автономија“, „Екстерно за владата“, Нема правда, нема мир“ и „Само индекс имаме“.
Неколку претставници на „Студентски пленум“ влегоа во Владата и доставија писмо од шест страници кое ги објаснува аргументите против државниот испит. Според нив, во Владата немало никој освен вработените во архивата.
Студентите на крајот порачаа дека „онаму каде што завршува стравот, таму започнува слободата“ и повторно ја пееја „Скопје радост ти ќе бидеш“. Најавија дека доколку нивните барања не бидат слушнати, тие повторно ќе излезат на улица и ќе протестираат.
Маршот помина во мирна атмосфера и без инциденти. Полицијата и студентите соработуваа во текот на целиот марш. На студентите и средношколците им се придружија и граѓани кои ги поддржаа и кои им аплаудираа.
Емилија Петреска
Кристина Озимец