По денешниот протест на граѓаните од општина Карпош пред трговскиот центар „Сити мол“ и блокадата на Партизанска во знак на револт поради новите урбанистички планови, граѓанската иницијатива упати отворено писмо со барања кон општината и градоначалникот Стевче Јакимовски, во кое се вели дека протестите ќе продолжат се додека не бидат исполнети нивните барања:
„Еден од главните проблеми во Карпош 3 е профитерскиот урбанизам кој се заканува постепено да ги пренамени сите зелени површини и паркови во паркинзи, прво “фиктивно“ на хартија, па потоа и во реалниот простор.
Градоначалникот изјави дека проблемот со паркирањето настанува поради старите згради кои се проектирани по стандард 0,4 паркинг места по стан, во сопствена парцела. Но да провериме каква е ситуацијата со новите згради:
Новата општинска зграда на Општина Карпош, според проектот требаше во својата парцела да има две подземни нивоа за паркирање на околу 70 возила. Во реалноста, за да заштедат пари, изградија само едно подземно ниво за околу 30 возила! Прашуваме каде Општина Карпош ќе ги паркира останатите 30-40 возила?
На истата улица Никола Русински, според новиот ДУП се изгради станбена кула, која според проектот има 59 стана и 35 паркинг места во парцела, а во реалноста има 59 стана и само 25 паркинг места во парцела. Прашуваме на кои фиктивни паркинзи ќе паркираат новите станари на кулата?
Во Карпош 3, долж Партизанска се изградија уште неколку станбени згради кои со секоја измена на ДУПот добиваа зголемена катност, што значи повеќе станови односно повеќе возила без обезбеден паркинг во сопствена парцела. За да му обезбеди дополнителен профит на приватниот инвеститор, Општина Карпош почна да го пренаменува јавното општинско земјиште- најчесто зеленило во паркинзи наменети за станарите на новите згради.
Со ДУПот се предвидуваат уште 10ина нови згради кои според досегашните криминални практики на Општина Карпош нема да го обезбедат потребниот број на паркинг места во сопствена парцела. Јавно го прашуваме градоначалникот Стевчо Јакимовски како сето ова сето ова ќе се одрази на проблемот со паркирањето? Дали Општина Карпош со својот профитерски урбанизам планира да ја влоши ситуацијата до тој степен што ќе мора низ нетранспарентни измени на ДУПовите да ги претвори околните паркчиња во катни гаражи и паркинзи, спротивно на вољата на граѓаните?
За да се избегне тотален хаос со паркирањето бараме да се ревидира ДУПот и предвидената висина на планираните објекти да биде условена со обезбедување на сите потребни паркинг места во сопствена парцела. Бараме градежните инспектори да излезат на терен и да постапат согласно законите во сите случаи каде инвеститорите на новите згради не го обезбедиле потребниот број на паркинг места според законот за просторно и урбанистичко планирање.
Бараме Општина Карпош наместо да му наложува на Сити Мол да обезбедува бесплатен паркинг за жителите на Карпош кои живеат во контактните зони со молот, да му наложи на Сити Мол да си обезбеди бесплатен паркинг за своите посетители, како што прават сите молови во светот. Особено оние кои заради урбанистичка грешка се сместени сред станбени населби. Со тоа би ја избегнале апсурдната ситуација што ја предлага општината: жителите на Карпош бесплатно да се паркираат во Сити Мол, додека пред нивните згради бесплатно се паркираат посетителите на молот од цела Македонија, јужна Србија и Косово.
Наместо да ги решава сообраќајните проблеми и проблемите со паркирањето, кои настанаа како резултат на изградбата на Сити мол, Општина Карпош во ДУПот за Карпош 3 предвидува уште еден голем трговски центар, висок 30,6м. Новиот ТЦ се предвидува на просторот спроти Сити мол каде сега има парк со возрасни дрвја и тениското игралиште. Бараме Општина Карпош да го заштити јавниот интерес и да го зачува паркот и тениското игралиште. Бараме да се земат во предвид сите ново предвидени станбени објекти, со што значително ќе се зголеми бројот на жители, а со тоа и потребата за нови игралишта, паркови и простори за рекреација. Сметаме дека е апсолутно непотребна изградба на нов трговски центар до веќе постоечкиот ТЦ Техника кој е комплетно нефункционален и до Сити мол кој привлекува огромен број посетители и стотици возила кои значително го загадуваат воздухот во нашата населба. Бараме да се стопира ДУПот за Карпош 3, да се избрише маркицата за нов трговски центар и да се зачува паркот и тениското игралиште.
Со изградбата на Сити мол и проширувањето на ул Манапо беше исечен дрворедот од возрасни дрвја со добро развиени крошни. Бараме долж улица Манапо од двете страни да се засадат нови дрвја со веќе развиени крошни, кои ќе обезбедуваат сенка по тротоарите и ќе придонесат во прочистување на воздухот.
Бараме Општина Карпош да работи транспарентно, да ги вклучи граѓаните во процесите на донесување одлуки и да го штити јавниот интерес, а не интересот на урбаната мафија. Се додека не се исполнат нашите барања ние ќе протестираме и ќе се бориме против профитерскиот урбанизам кој ги обезвреднува нашите имоти и го уништува препознатливиот квалитет на живеење во Карпош, за кој најмногу е заслужен хуманистичкиот урбанизам од 60тите години на минатиот век.
23 јануари 2016
Граѓанска група Карпош 3.“
“