Ќе добие ли Скопје функционален скејт парк?

Градот Скопје склучи договор со фирмата „Фреак дивисион“ за изградба на новиот скејт парк во Скопје. Од  Скејтборд Асоцијација на Македонија С.А.М пак изразуваат сомневање дека Скопје навистина ќе добие функционален скејт парк.

Ќе добие ли Скопје функционален скејт парк?

„Навистина се надевавме дека по 10 години ќе добиеме скејт парк достоен за еден главен град на држава на европско тло. Меѓутоа сето тоа се промени кога видовме најнова статија на интернет како ја менуваат локацијата и како изведувачот на проектот ќе биде фирмата Фреакс Дивисион. Според нас, доколку оваа фирма го изведува скејт паркот, овој проект ќе биде само уште едно мачкање на очи и пари фрлени во вода, а проблемот со скопските скејтери ќе остане нерешен“, стои во реакцијата на С.А.М -Скејтборд Асоцијација на Македонија од каде укажуваат на лошите искуства со скејт парковите градени од оваа фирма во соседните земји.

Тие објаснуваат дека добар скејт парк мора да биде изведуван од фирма која ги исполнува сите европски стандарди за безбедност и да има лиценца за легално градење на скејт паркови поддржана од светски скејт организации. Велат оти се загрижени дека парите ќе се потрошат за нефункционален скејт парк, кој како што велат, ќе биде неупотреблив како и паркот во Карпош изграден пред неколку години.

Од Град Скопје пак укажуваат дека проектот за новиот Скејт парк е спроведен во согласност со законот за јавни набавки, како и дека е точно е пропишано за каков вид на набавки се распишува меѓународен тендер.

„Значи Законот пропиша процедура , според која е спроведена јавната набавка за реквизитите во скејт паркот, а на неа можеле да учествуваат и странски фирми. На овој тендер цената беше основниот критериум, но претходно фирмите кои конкурираа требаа да се исполнат одредени услови и технички стандарди за опрема од овој вид, кои во суштина се меѓународни стандарди за изработка на таков вид опрема“, посочуваат од градот за Радио МОФ од каде додаваат и дека не можат да дисквалификуваат одредени фирми кои ги исполнуваат зададените технички критериуми, само поради одредени мислењата на здруженија на граѓани и асоцијации.

Новиот адреналинскиот парк, кој беше дел и од изборните ветувања, е планирано да се гради под Транспортниот центар. Ова ќе биде втор скејт парк  во Скопје, по тој во Карпош, за чија функционалност има многу поплаки од скејтерите во Асоцијацијата.

Ј.Ј.