Кирил Спировски почнал да враќа дел од парите што ненаменски ги трошел Студентскиот парламент

Во текот на 2015 година Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ненаменски трошел пари, покажуваат наодите на Државниот завод за ревизија на работата на Филозофскиот факултет. Извештајот покажува дека за дел од потрошените средства нема соодветна документација која покажува зошто и на кој начин биле трошени парите. Филозофскиот факултет, пак, информира дека тогашниот претседатал на Парламентот, Кирил Спировски, веќе започнал да враќа дел од парите.

Според Државниот ревизор, во 2015 година СПУКМ потрошил 96 илјади денари (1560 евра), за кои нема соодветна документација, односно биле исплатени за хонорари, а се искористиле за друго. Потоа, за сметководствени услуги биле исплатени вкупно 41 илјади денари (665 евра), за кои не е јасно за која цел се потрошени, додека за манифестацијата Отворен ден биле исплатени средства за репрезентација и за технички услуги за забавата, иако факултетот претходно спровел постапка за јавна набавка. Па така, за потрошените средства во износ од 58 илјади денари (942 евра) нема ниту документација, ниту фактура што ќе послужи како потврда.

Извештајот покажува дека пред две години, Деканатската управа при Филозофскиот факултет исплатила вкупно 803 илјади денари (13 060 евра) на сметка на парламентот. Средствата биле доделени врз основа на Правилникот за внатрешни односи и работењето на Филозофскиот факултет, а по барање на Студентскиот парламент.

Барањата се доставувале месечно на различни износи во зависност од потребите на парламентот како материјални трошоци, патни трошоци, но и за нивно учество во организацијата на одделни манифестации на Филозофскиот факултет како Отворен ден, апсолвентска вечер, меѓународни конференции.

Во извештајот стои дека управата на овој факултет одлучила поранешниот претседател на Парламентот да ги врати ненаменско потрошените пари и со нив, Парламентот да ги финансира активностите во 2016 година. Сепак, обврската за наплата била доделена на Парламентот, наместо факултетот да преземе мерки.

„До денот на ревизијата, јануари 2017 година, се уште не се вратени овие средства“, стои во извештајот.

Државниот ревизор им препорачува на одговорните лица на Филозофскиот факултет да преземат соодветни мерки за наплата на ненаменски потрошените пари од страна на одговорните лица на Парламентот. Потоа, тие во иднина да вршат редовна и навремена контрола на одобрените и потрошените пари на Парламентот.

Во одговорот на Филозофскиот факултет, пак, упатен до Државниот ревизор, стои дека тие не можеле да го утврдат точниот износ на ненаменски потрошените пари од страна на СПУКМ, бидејќи не добиле целосна документација од нив. Но, нагласуваат дека Спировски започнал да ги враќа парите.

„Утврдено е дека поранешниот претседател веќе започнал да враќа дел од средствата, за што ви доставуваме дополнителна документација. Исто така, сакаме да истакнеме дека Филозофскиот факултет веќе врши редовна контрола и наменско користење на средствата, за што потврдува фактот дека за 2016 година се донесе заклучок за наменско користење на сите средства дадени за потребите на студентите“, стои во одговорот на факултетот.

За неконтролираното трошење на студентските пари, лани реагираше и Студентскиот пленум, објавувајќи го финансискиот извештај на Парламентот за 2014-2015 година. Тие тогаш посочија на високи суми кои се трошеле за организирање забави, телефонски сметки и патувања. Сепак, одговорот на Спировски беше дека бројките се манипулативни и извадени од контекст.

Инаку, ревизијата во целост, изрази неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2015 година на Филозофскиот факултет. Од Државниот ревизор нагласуваат дека недостасува ревизија за претходните години.

„Во деловните книги не се обезбедени веродостојни и вистинити сметководствени документи и доказ и евиденција за следење на склучените договори за извршени набавки на стоки, услуги и работи. Во периодот од 2009 до 2016 година, поголем дел од книгите кои се примени како донација, а произлегуваат од проект на Владата на РМ преку Министерството за образование и наука, не се евидентирани. Извршени се исплати на надоместоци на наставниот кадар и администрацијата, по основ на дополнителна ангажираност, зголемен обем на работа или учество во комисии, во износ од 4 648 илјади денари, но на начин што не е во согласност со интерниот акт за плати и надоместоци. Потрошени се средствата од сопствените приходи на факултетот за авторски хонорари и надоместоци за останатите трошоци за издавање на монографии во износ од 1 142 илјади денари, што не е во согласност со планираните средства за финансирање на истите“ стои во ревизијата.

*По објавата на текстот, до редакцијата на Радио МОФ пристигна демант од страна на поранешниот претседател на СПУКМ, Кирил Спироски, кој вели дека станува збор за невистини.

Кирил Спироски демантира: Од мене не се бара враќање на средства бидејќи нема основ за такво нешто

Е.П.