Кој си игра мајтап со Советот за радиодифузија?!

„Будалаштина и мајтапење со Советот за радиодифузија претставува натписот: ‘Цензурирано од Совет за радиодифузија на Република Македонија’, кој се појави на изменетата верзија од владиниот спот против абортусот“, коментираат извори од СРД за Радио МОФ.

Кој си игра мајтап со Советот за Радиодифузија?!

СРД неодамна донесе одлука спорниот владин спот да не се емитува на телевизија во оригиналната форма пред полноќ. Деновиве тој повторно започна да се емитува на јавниот сервис и на неколку приватни телевизии, но во изменета форма – делот во кој лекарката му се обраќа на човекот со „честитам, убивте здраво бебе“ е заматен, а врз сликата се појавува натпис: „Цензурирано од Совет за радиодифузија на Република Македонија“.

Ова, според извори во СРД, е изигрување на одлуките на Советот, бидејќи менувањето на спотот не претставува цензура, која е забранета со Уставот, туку постапување по законите и реакциите на граѓаните за невистините изнесени во спотот.

„Некој си игра мајтап со СРД, тоа не е цензура, туку почитување на законите во интерес на граѓаните. Одлуката на СРД е донесена за да ги заштити граѓаните од монтажата во спотот, која не соодветствува со фактите и која може да ги донесе граѓаните во заблуда“, коментираат од ова тело.

На својата 48-ма седница Советот за радиодифузија донесе одлука телевизискиот спот на Владата во кој абортусот се категоризира како убиство во таква форма да се емитува како програма од петта категорија, во периодот од 00:00 до 05:00 часот. Исто така, за да се емитува во други термини од деноноќието, рекламата не треба прекинувањето на бременост во здравствена установа да го идентификува како убиство.

Радио МОФ се обиде да стапи во контакт и со Претседателот на СРД, Зоран Трајчевски, но тој е недостапен за коментар. Засега нема официјален став од СРД, дали со ваквата измена на спотот правилно е испочитувана одлуката на Советот.

Реакција за старо-новиот спорен владин спот пристигна и од здружението ХЕРА од каде бараат целосно повлекување на овој спот, во кој според  нив абортусот повторно се третира како убиство.

„Делот во спотот каде што се вели дека абортусот е убиство стои телоп дека тоа е цензурирано од страна на СРД. Иако тој дел е цензуриран, остатокот од спотот останува ист, така што гледачите повторно ја добиваат истата пораката, а жените кои што направиле абортус и понатму се стигматизираат. Уште повеќе во новиот т.н. цензуриран спот  на крајот е додаден цитат од Мајка Тереза „Греота е ако „детето треба да го нема“ за да вие живеете како што сакате….“ , којшто е повеќе техничка модификација со истата порака “абортусот е убиство“. Со овој дополнително вклучен цитат повторно се нагласува  „неморалноста на чинот“ или пак „неоправданата одлука“. Со овие „промени“ во спотот нарачателот на кампањата не отстапува од своите намери да го престави абортусот како погрешен и неморален чин“, реагираат од ХЕРА.

Според нив вака направените промени во видео спотот не ја почитуваат одлуката на Советот за Радиодифузија и бараат ова тело повторно да заседава и да донесе одлука со која целосно ќе биде повлечен спотот од понатамошно емитување.

Спотот, кој почна да се емитува пред околу три месеци, предизвика многу реакции во јавноста, а дел од невладините организации и активисти го нарекоа „контроверзен“ и „навредлив“.

По одлуката на СРД спотот да биде изменет, Владата, која е нарачател на пропагандниот спот, изрази незадоволство и порача дека според нив одлукатата е донесена „под политичко влијание на СДСМ и здруженијата на граѓани финансирани од „Сорос“ кои се залагаат за абортус“.

„Сепак, ќе ја почитуваме одлуката за емитување во терминот од 00:00 до 05:00 часот, а дали спотот ќе се преработува или не, ќе одлучиме понатаму“, стоеше тогаш во владиното писмено соопштение.


К.О.