Куќите во старите маала на Скопје сe вредна информација за една цела епоха и доказ за историската наслоеност. Во тие улички можеме да ја видиме најтесната куќа во градот, најмалиот двор, најинвентивната трансформација, најневината претстава за сопствениот дом. Се воодушевуваме на јапонските виртуози за архитектурата на малиот зафат, нивниот минимализам на животниот простор, а тоа го имаме токму тука – во центарот на Скопје.
Постои уверување дека на едносемејните куќи не им е местото во градот, особено не во централното подрачје. Таквиот став понатаму се поткрепува со низа метрополитански слики на екстравагантни архитектонски појави, „историцистички“ монументи или современи „футуристички“ достигнувања. Помеѓу таквата архитектонска хиперсликовност и вртоглава репрезентативност, на обичните куќи секако не им е место. И навистина обичното, секојдневно, дури и вредно авторско дело не збунува, предизвикува, не прави нетрпеливи кон таквите „остатоци“ на минатото, сведоци за нашето потекло. Се разбира, живеењето во куќа се уште е високо на приоритетите на градските жители, се` уште ја има привлечностa на елементарниот облик на домување. Но, непосредно после таквото суштествено чувство доаѓа „рационализацијата“ на дозволените урбани модели и препораки: на куќите им е место на рабовите од градовите, во суб-урбаните подрачја или во заштитените зони на домување. По таа логика едносемејните куќи се дел од анонимниот суб-урбан пејсаж или од приватните екстравагантни „дизниленди“ и непристапните оградени дворови. Но зoшто е тоа така?
Зошто мора најелементарната архитектонска претстава, едносемејна куќа за живеење да е изгонета од нашиот современ урбан енвиронмент? Особено ако знаеме дека нашите градови само пред сто години беа сочинети од сложен сооднос на куќи и дворови. Тие предели и денес не` привлекуват, едносемејните куќи на уличните граници или повлечени во внатрешноста на дворовите го сочинуваа богатиот социјален и материјален амбиент на нашите градови (Грабријан,1955). Традиционалните градови и денес ги препознаваме во соодносот на дворовите, вегетацијата и архитектурата, дрвата и куќите, еден вид продуктивна животна симбиоза. Таквите слики денес ги нудиме на посетителите, ги врамуваме како носталгично минато, но во реалноста ги сметаме за надживеани, несоодветни и малку што правиме за нив. Како да живееме во двоен свет на автентичните животни амбиенти кои ги потиснуваме или „конзервираме“ и посакувани слики на непрекинатата модернизација и вестернизација.
Улица „8-ма ударна бригада“
Во Скопје се уште можеме да сретнеме едносемејни куќи. Шетајќи по неговите улици дури и во најстрогиот центар се уште можеме да ги забележиме во изворна, но се` почесто и со променета употреба. Сепак, нивниот облик, тип, просторна поставеност ги поседува изворните мерила од изворните амбиенти.
Така е на улицата „8-ма ударна бригада“, непосредно зад градскиот плоштад, каде што можеме да сретнеме неколку антологиски примери: Куќата на семејството Шкаперда од архитектот Георги Симота од 1939 година; куќата на агол на Армагањан Богоев од архитектот Борис Дутов, и секако антологиската куќа на д-р Петар Здравев од архитектите Петар Крстиќ и Бранко Крстиќ од 1939 година, денес Матица на иселениците (Константиновски, 2001; Бошкова, Аџи Митревски, Голубовски, Гулевски, 1989).
Тие куќи одамна ја изгубија својата изворна функција, но се уште ја поседуваат својата типолошка и урбана морфолошка вредност, во однос на дефинирањето на урбаниот простор, неговото мерило и односот на изграденото и неизграденото. Бездруго, загубата на некои од клучните архитектонски примери од оваа улица ќе значи губиток на тивките архитектонски вредности на нашиот град. Така, во сенката на големите дебати за изгледите на градот незабележително ни се рони основната супстанца на градскиот простор.
Улица „Орце Николов“
Но едносемејните куќи, „градските вили“, се уште можеме да ги сретнеме во централното подрачје, во некогашниот градски кварт Буњаковец, денес Дебар Маало. Иако Дебар Маало беше првата жртва на дивата транзиција, згуснувањето, издигнувањето на „венецот“, изгонувањето на зелениот простор помеѓу куќите, своевидна лабараторија, ретрограден манифест на новата економија на просторот, се уште опстојуват куќите на нашето минато.
Ремек делата на повоениот модернизам, делата на чешкиот модернист Лудјек Кубеш, можеме да ги сретнеме долж улицата „Орце Николов“ (Константиновски, 2001). Мали лекции на архитектурата, како можноста да се изрази духот на времето и континуитет на едно заедничко градоградителско дело. На улицата „Орце Николов“ е и куќата на чешкиот предвоен модернист Јан Дубови, од 1933 година како еден вид протомодернизам, преод од историската во модерната синтакса (Константиновски, 2001).
На почетокот на паралелната улица „Илинденска“, еден од првите трасирани правци во ирегуларната основа на Скопје од крајот на 19-от век, се уште ги сретнуваме првите европски типови на индивидуални куќи. Четири поединечни архетипски волумени, регистрирани на првите урбанистички планови, сведочат за перманентноста на типологијата и континуитетот на урбаната форма.
Фрагментите на Ново Маало
Едносемејните куќи во Скопје не се само авторски проекти. Во остатоците на традиционалната основа, во фрагментите на старите маала на десниот брег на Скопје се уште можеме да најдеме возбудливи и инвентивни интерпретации на домот. Секој оној кој заскитал во фрагментите на Ново Маало има амбивалентни чувства: модернистички инстинкт на надминување на затечената состојба, со бришење на остатокот на минатото и елементарно чувство за квалитет на постојната ситуација, за човекомерноста на улиците, на куќите, на дворовите. Така, токму во тие мали, заборавени фрагменти можеме да најдеме вистински просторни и социјални лекции за генерирање на човековиот животен простор.
Со години наназад со мојот пријател и колега Гоце Аџи Митревски шетајќи и проучувајќи ги заборавените места на градот си го поставувавме прашањето што ако ја примениме методата како во примерите на реставрација на живописот, кога едно парче, еден примерок на ѕидот, станува вредна информација за една цела епоха и доказ за историската наслоеност. Токму овие мали станбени џепови можат да бидат оние фрагменти кои ќе ја покажат длабочината и мноштвеноста на формите на домувањето. Затоа што во тие улички можеме да ја видиме најмалата куќа во градот, најтесната куќа, најмалиот двор, најинвентивната трансформација, најневината претстава за сопствениот дом. Затоа што не треба само да ги гледаме јапонските виртуози на архитектурата на малиот зафат, нивниот минимализам на животниот простор, туку токму тука во центарот на Скопје да станеме свесни за аналогните примери на „архитектура без архитекти“.
Куќата која исчезнува. Што навистина се губи и дали мора така да биде?
Но сите овие форми на едносемејните куќи во Скопје, повеќе или помалку, се под закана наисчезнување. Поточно, сведоци сме на последната фаза од опстојување на една елементарна форма на живеалиште, која можеше да се адаптира и да опстојува во традиционалниот контекст, како во урбаните модели на градската архитектура од првата половина на 20-от век, така и помеѓу визиите на модернизмот од втората половина на 20-от век кој во периодот на транзицијата остана на маргините. Се чини дека токму реставрацијата на прогресистичката линија овојпат во лицето на радикалниот прагматизам на пазарот е конечниот удар на инхерентниот плурализам на животниот простор. Всушност, под шарената маска на егзибиционизмот, на непрекинатиот спектакл, се губат најосновните вредности на една животна заедница, нејзиниот инхерентен плурализам и нејзината сложеност со конечниот триумф на „наивниот“ функционализам.
Се губи архитектонска типологија на една витална просторна форма, се губи социјална структура која е поврзана со архитектурата на едносемејна куќа, се губи богатство на урбаниот простор, но, пред се`, се губи соодносот на изградените единици и неизградениот простор, синтезата на природата и архитектурата во текстурата на градот на ниво на секоја единица на блокот. Затоа што кога денес реагираме на згуснувањето, загубата на зелената површина, на микроклиматските промени, тоа се случува со причина, со низа мали промени предизвикани уште во промената на архитектонската типологија во градот, во елементарното ниво на куќата и дворот, оправдана со лажната метрополитанска идеологија на новото време.
Сакам да мислам дека не мора да е така. Секако, центарот на градот треба да ја содржи симболичката и репрезентативната функција, но и плурализмот и континуитетот на социо-културните и материјални слоеви. Токму урбаното се легитимира со мноштвеното и различното покажано и во социјалната и во архитектонската форма, нешто навидум на оваа слика.
Проф. Минас Бакалчев
* Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.