Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ денеска поднесе кривични пријави против ТВ водителите Јанко Илковски и Миленко Неделковски до Јавното обвинителство.
Кривичните пријави се поднесени врз основа на 3 член од КЗ:319, 394-г и 417 и истите се однесуваат на говорот на омраза на нивните фејсбук профили веднаш после нападот на кафе барот Дамар.
„Кај Миленко Неделковски имаше директно оправдување на нападот и говор на омраза кон ЛГБТИ заедницата, а кај Јанко Илковски истиот беше во коментарите на неговите фанови кои тој има должност да ги отстрани. Не се работи за изолирани случаи на повикување и/или одобрување на насилство врз ЛГБТИ заедницата тука и двајцата тоа го прават континуирано“, вели Драгана Дрндаревска од оваа коалиција.
Според активистите за човекови права, против двајцата водители на ТВ емисии и претходно се поднесувани кривични пријави, но досега од обвинителството добиле само молк.
„Овој пат по истекувањето на рокот ќе одиме и до Вишо јавно обвинителство, а потоа и до Европскиот Суд за човекови права бидејќи очигледно нема ефикасен и ефективен правен лек на национално ниво кој би ја заштитил ЛГБТИ заедницата од дискриминација и насилство. Го повикуваме обвинителството и одделението за електронски криминал да постапи итно, бидејќи спорните коментари и Јанко Илковски и Миленко Неделковски ги отстранија од своите профили“, вели Дрндаревска и додава дека за овие дела е предвидена казна затвор до пет години.