Поради почетокот на предизборната кампања, двајца досетливи „енигматичари“ – Марија Мирчевска и Лазар Поп Иванов одлучиле да го направат периодот во кој граѓаните вообичаено се презаситени од владини реклами барем малку позабавен. За таа цела, ја создале играта „Квизбори“, во која играчот треба да погоди чиј е дадениот цитат, а потоа може да го спореди својот одговор со одговорите на останатите играчи.
Креаторите на играта велат дека секојдневно ќе има по околу пет нови квиз-прашања, но иронично потенцираат и дека „ништо не ветуваат“.
Вчерашната игра беше едноставна, пишуваат: има неколку цитати и неколку политичари. Задачата е да се спои „ликот со делото“. Целта со играта им е играчите да воочат дека авторите на цитатите не секогаш се очигледни, и многу често може да изненадат и збунат.
Идејата ја добиле од The Late Show with Stephen Colbert, од игра во која Доналд Трамп треба да погоди дали одреден цитат е негов, или на водителот Стивен Колбер.
За да го зголемат бројот на прашања, секој кој има интересен цитат може да го испрати, заедно со линк на кој може да се потврди дека одредената личност навистина го изјавила тоа.