Осум години по објавувањето на нивниот прв албум, рап групата Легијата денес го промовира своето второ издание – „Легијата на Проколнатите”. Радио МОФ разговараше со нив за новиот албум, рапот кај нас и неговиот глас во време на револуција.
„Легијата на проколнатите“ е втор студиски албум на Легијата како колектив. Што сè се најде на него?
На него се најдоа 18 композиции, меѓу кои и неколку синглови кои веќе се познати на јавноста.
Кој учествуваше во неговото создавање?
Албумот се снимаше 4 години во Шурикен Рекордс, продуценти на албумот се Ненад „Брус“ Стефановски, Џака Накот, Тонио Сан, Дј.Гоце ( С.А.Ф.) и Гоце „Тазак Акабатов“ Наумовски – кој ја работи и видео продукцијата на Легијата последниве 10 години.
Зошто токму „Легијата на проколнатите“? На што упатува насловот?
Симболиката е убавината и проклетството на јазикот на кој што твориме – македонскиот. Јазик кој го говори само нашата нација, Македонците, во Македонија и низ светот, кој што ако исчезне нашата држава ќе го изгуби своето јадро, и проклетството да се биде “андерграунд“ уметник во Македонија. Борбите, предизвиците, искушенијата и секојдневноста со која се соочуваме.
Како најава за албумот, досега го објавивте видео записот за „Нема втора шанса“. Во неа можат да се слушнат политички и општествени пораки. Колку „Легијата на проколнатите“ обработува вакви теми?
Легијата е општествено свесен бенд, кој е секогаш рефлексија на времињата во кои што живееме и твориме. Ние како група сме лично засегнати од интелектуалниот егзодус кој се случува изминативе години. Нашите најстари членови Џака и Таз (Против Сите) се меѓу луѓето кои ги изгуби Македонија. Си заминаа во светот по потрага по подобро утре. Сиромаштијата – како духовна така и физичка, почнува да зема сè поголем замав во нашата земја, не можеме да го игрнорираме тоа. Најлесно е да се гледа сопствениот интерес и да се ставиш во служба на пропагандната машина на системот, ние не дозволуваме нашата уметност да биде извалкана поради ситни партиски интереси и материјални средства. Премногу долго сме работеле за да го донесеме рапот во Македонија до ова ниво на свесност.
Каков е вашиот став за рапот и алтернативата воопшто во Македонија? Има ли сцена и публика за уметниците, настрана од комерцијалата?
Рапот е на историско најсилно ниво во овој момент, од неговите почетоци во раните 90-сети. Низ Македонија се создадоа неколку квалитетни рап бендови кои сериозно претставуваат – „Задаголци“ од Скопје, Авторизација од Велес, Дивизија од Струмица… Публика има, но многу е силно влијанието на простотилакот и глупоста која се форсира со цел да се отапи публиката. Ние поради нашите текстови не настапуваме скоро никаде – Пиво Фестови, Баскеријади, и сè што е под државна капа. Нема место таму за нас, а искрено, да делиме сцена со турбофолкери ни е под чест. А во Македонија пари од рап нема, само храна за душа.
Легијата, речиси во истиот состав, постои од почетокот на веков. Колку оттогаш се има променето сцената, но и самите вие како уметници?
Сцената порасна, метастазираше. Донесе и комерцијални, како и андерграунд ликови во рапот, што според нас придонесува за шареноликоста на сцената, кога почнавме во 2000 како Легијата имаше многу малку квалитетни групи. Времето и притисокот го рафинираше сировиот камен во дијамант, рапот ги надрасна детските болести и постави стандарди во регионот за квалитетен звук. Цело време живееме низ музиката и евоулираме на подобро со неа. Ние се држиме по патот на вистината, кој е иако трнлив и тежок – е вреден за одење. Многу групи се распаднаа, се раскашавија, се разводенија низ годините. Сепак, многу неблагодарна работа е да правиш рап кај нас.
Дали некогаш би прифатиле државна субвенција за песна? Кој е вашиот став за субвенционираната музика?
Овој сегашен модел на субвенционирање е тотално тоталитаристички, да не речеме севернокорејски. Треба државата да ја помага и стимулира уметноста, не да ја диктира и селектира во категории за пропаганда. Скандинавците субвенционираат музичари, но едно е да му помогнеш некому финансиски за набавка на студиска опрема, инструменти и слично, а друго е да нарачуваш реклами од музичарите – како што го прават тоа нашите „прекрасни умови“ во владата на РМ. Бедно е тоа што многу луѓе и се нафаќаат да бидат субвенционирани, т.е. играат како што владата свири.
Колку Шарената револуција и протестите во изминативе години ги „разбудија“ уметниците во Македонија?
Секој уметник кој молчи пред неправдата и болката која ја има Македонија од неодговорноста на владејачките елилти во овие 25 години е или глув, нем или слеп. Друго оправдување за да се оправда „артистичката неутралност“ нема, сè друго е колаборација со внатрешниот непријател – елитата која го има корумпирано јадрото на нашето општество, каде сиромашните стануваат посиромашни, а богатите побогати. Ние се бунтуваме од самиот почеток – од 2000-та година. И гледаме како оди на полошо, а некој мора да ја каже вистината. Кога медиумите се корумпирани единствено улицата и хип хопот како нејзиниот глас може да ја пренесе приказната.
Добро е што нашата (хип хоп) сцена има унифициран став околу тоа дека треба да се крене гласот против, иако има и меѓу раперите тројански коњи кои сакаат да цицат од црното млеко на партијата. Но, генерално ставот е дека Македонија заслужува и теба да се промени на подобро, бидејќи го допревме дното, чим сме со Авганистан во друштво на медиумска слобода. Има голем дел од уметниците што „спијат“ и се агенти на власта. Ако можат тие слободно да се движат низ својот град, и да спијат мирно ноќе без совест – секоја чест.
Што понатаму? Планирате ли нови албуми?
Овој албум го работевме 4 години, и со претходниот се цели 8 години разлика. „Лош Ден за Империјата“ излезе во 2008. Ние сме голема екипа – девет активни членови, од кои поради егзистенционални причини мораат да се занимаваат и со „девет до пет“ работи. Не е лесно воошто да се синхронизираме, а и годините си носат обврски и приоритети. Добрата работа за овој албум е што после 16 години творештво, конечно добивме поддршка од гигант како „Златен Даб“, за да ги покриеме трошоците за издавањето на албумот. Тоа е позитивен импулс за целата Легија. Во иднина ќе функционираме малку повеќе како ќелии низ светот – како во примерот на „Нема Втора Шанса“. Екипата во Скопје го сними спотот, Џака го снимаше својот дел во Хепенхајм, Германија, а Таззак Акабатов го монтираше во Стевенејџ, Англија. Технологијата сега овозможува брз поток на информациии.
Размислувате ли можеби за концерт?
Апсолутно, летово ќе имаме неколку настапи – првиот е на Здраво Млади на 4 јуни, а кон крајот на годината подготвуваме целовечерен концерт од библиски пропорции!
Стефанија Тенекеџиева