Лезбејски пикник ја разгоре хомофобијата на Фејсбук

Попладневната дружба во Градскиот парк или таканаречениот „Лезбејски пикник“ најавен за денеска како дел од активностите на Неделата на гордоста која се одржува во Скопје, стана мета на вербални напади и закани на социјалната мрежа Фејсбук.

Лезбејски пикник ја разгоре хомофобијата на Фејсбук

Настанот замислен како пикник во парк со музика,  читање лезбејски кратки раскази и поезија како и работилница за изработка на стенсили и знамиња, во организација на ЛезФем, изобилува со коментари од млади луѓе кои се закануваат со насилство, па дури и повикуваат на убиства.

Лезбејски пикник ја разгоре хомофобијата на Фејсбук

„Само Хитлер за овие“, „Ова треба да се убие“, „Гасна комора за вас, ќе летате во воздух“, се само дел од вознемирувачките постови објавени од претежно млади луѓе.

Лезбејски пикник ја разгоре хомофобијата на Фејсбук

Значителниот број коментари со говор на омраза и насилство, го сврте вниманието врз темата и на поддржувачите на ЛГБТИ заедницата, кои на настанот оставаат охрабрувачки пораки за борба со хомофобијата, солидарност и еднаквост.

Активистиката Билјана Гинова од ЛезФем вели дека Неделата на гордоста содржи разни активности, проекции на филмови, дебати, предавања, протестни обраќања, и во рамки на таа недела има и лезбејски пикник. Според неа, ова не е првпат на ваков начин да биде нападнат настан на ЛезФем, закани се појавија и за најавеното предавање за историјата на феминизмот.

„Нападите се исти. Прво, насилство е тоа што со овие пораки го окупираат тој некој мал простор кој во интернетот сме го сфатиле како јавен за промовирање на феминистичките вредности и го узурпираат со многу насилни пораки, а второ е тоа што тие пораки содржат голем говор на омраза, закани и повикуваат на насилство врз лезбејската заедница во Македонија“, вели Гинова.

Таа смета дека ваквите закани го рефлектираат стравот во општеството за дисбаланс, бидејќи појавата на зборот лезбејка во јавниот простор го напаѓа хетеронормативниот простор во општеството.

„Дали е ова реакција на некаков страв дека ќе се изгуби патријархатот и онаа маскулинистичка култура која ја имаме, но токму нивното однесување ја манифестира насилната култура во која ние живееме. Често размислував, во рамки на целата политичка криза во која се наоѓаме, мислев дека се треба да се остави на пауза, како работата во ЛезФем и исклучиво да се посветиме на таа борба. Но подоцна, благодарение на вакви настани сфатив дека единствено преку феминизмот и промовирање на феминистичките вредности ние можеме да се справиме и со конкретната политичка криза, затоа што сега имаме шанса да понудиме суштински промени во општеството, а не само да ги замениме структурите на власт. Феминизмот нуди можност за промовирање на нови вредности“, додава таа.

Во Македонија е забранета секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик или која било друга основа која е предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор.

Според претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација, Душко Миновски, до казнувањето на онлајн заканите и повиците на насилство тешко се доаѓа. „Генерално знаеме за што станува збор, кога имаме такви ситуации, дискриминација од било кој вид, реагираме со соопштение ако немаме претставка поднесено директно кај нас. Во овој транзиционен период се напуштија многу вредности во смисла на толеранција, почитување на различниот и отсуствува вистинска едукација и созревање на младата популација. Дури и во нашите семејства имаме многу дискриминација, не се почитуваат различностите“, вели Миновски.

Од Хелсиншки комитет за човекови права пак најавуваат дека сите закани кои јавно се објавени на настанот ќе ги документираат, по што ќе бидат пријавени во Министерството за внатрешни работи и ќе подготват и кривични пријави.

Директорката на комитетот, Уранија Пировска, вели дека самиот систем во Македонија воведе хомофобични политики и вршеше континуирана индоктринација преку своите медиуми, која потоа за жал најмногу стигнуваше до младите луѓе.

„Говорот на омраза продуцира насилство. Загрижува повикувањето на насилство, загрижува степенот на омраза која се чуствува во ставовите на младите луѓе. Не случајно најавив дека сите овие случаи ќе ги документираме, ќе бидат пријавени во Министерството за внатрешни работи, но ќе подготвиме и кривични пријави. Неказнивоста на кривичните дела од омраза, особено нападите врз ЛГБТИ заедницата, придонесоа да се охрабрат сите оние кои имаат хомофобични ставови. И еве сега тоа ние го гледаме на дело“, вели Пировска.

Според неа, најстрашното е што нашиот систем не вклучува соодветни содржини за сексуалната ориентација во едукативниот систем од најмала возраст.

„Младите луѓе се задоени со сосема погрешни разбирања за ЛГБТИ заедницата, за хомосексуалноста, за правото на избор на сексуална ориентација. Првиот чекор напред би бил воведување на такви содржини во наставните програми од најмала возраст, но вториот чекор е веќе конечно да профункционира системот на санкции. Се додека постои неказнивост, ќе има и ваков говор на омраза и дела од омраза“, додава Пировска.

Таа вели дека во голема мера младите не прават разлика меѓу слободата на изразување и говорот на омраза. Слободата на изразување се протега  до оној степен додека не ги повредувате правата на другите луѓе. Говорот кој содржи форми на изразување насочени кон фиксните карактеристики на личноста, како етничката припадност, сексуалната ориентација и други форми кои ги навредуваат карактеристиките на личноста, претставуваат говор на омраза.

„Европскиот суд за човекови права многу високо и сериозно ги разгледува овие случаи. Тоа што ние во Македонија не го третираме ова сериозно е наш недостаток, но постојат многу пресуди, каде се води сметка токму овој говор на омраза да биде казнет“, додава Пировска.

ЛГБТИ заедницата во Македонија повеќе пати беше мета на физички напади. Неколку пати беше разрушен ЛГБТИ центарот за поддршка, насилници го демолираа кафе барот Дамар и повредија две лица, а во посебни инциденти беа напаѓани и ЛГБТИ активисти. Активистите велат дека се уште нема разрешница за претходните напади врз оваа заедница и немаат информации од јавниот обвинител до каде е постапката.

Утре од ЛГБТИ Мрежата, како дел од Неделата на Гордоста најавија протест пред Основно јавно обвинителство, за како што велат „уште еднаш да го потсетат Јавниот обвинител на насилството, нападите, каменувањата и обидете за палење на ЛГБТИ Центарот за поддршка за кои ‘истрагата е сеуште во тек’“.

Со развеани ЛГБТ знамиња и транспаренти на кои пишува „Збогум Никола“, претставници на оваа заедница денеска пред Владата имаа протестно обраќање и ги изнесоа причините поради кои бараат оставка од премиерот Никола Груевски.

Неделата на гордоста која започна во понеделникот и трае до недела, е организирана од Националната Мрежа за борба против хомофобија и трансфобија. Во знак на поддршка на Skopje Pride Week, денеска и американската амбасада објави фотографија со знаме на виножитото поставено пред амбасадата во Скопје, со зборовите на американскиот претседател, Барак Обама – „Сите луѓе заслужуваат да живеат слободни од страв, насилство и дискриминација, без разлика кои се или кого сакаат“.

К.О.