Приказната за себе-откривањето на афроамериканското геј момче во Мајами е темата на „Moonlight“, кој оваа година е еден од главните фаворити за Оскар. Соочен со прашањето – кој сум јас, филмот низ три животни фази ја прикажува неговата потрага по идентитетот. Малтретиран како дете, тепан како тинејџер и, конечно, емоционално накажан како возрасен човек. И иако тоа е Холивуд, ваквите примери ги има и во македонските училници.
Според последното истражување на сексуалните искуства и сексуалното здравје кај македонските 15-годишници, околу 3 проценти од нив покажале хомо или бисексуална вљубеност.
Ирена Цветковиќ, од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, објаснува дека оваа бројка не смее да се потцени.
„Процентот, како бројка, можеби е мала, но во едно училиште од илјада деца вие имате десет такви деца. Деца на кои мора да им помогнете да се интегрираат во својата средина, затоа што тие имаат само една младост, тука се гради нивниот личен потенцијал. Ако тука им се прекине, поправен испит, за жал, нема“, објаснува таа.
Овие млади се во полоша положба од своите хетеросексуални врсници во апсолутно сите индикатори. Тие се многу почести жртви на малтретирање во училиште, но и жртви на физичко и психичко насилство во домот. Пет пати почесто трпат сексуално вознемирување и полов напад, додека ризикот по нивното ментално и емоционално здравје е двојно поголем во споредба со хетеросексуалните врсници.
Психологот Лина Ќостарова Унковска, автор на истражувањето, објаснува дека на овие млади им се ускратени правата за безбеден развој, додавајќи дека мора да се менува игнорантниот однос на општеството.
„Нема друг пат освен преку образовниот систем. Мораме да ја отвориме вратата на образованието. Ние тоа го почнавме, направивме еден семинар пред оваа промоција со стручните служби од средните училишта и сме многу охрабрени. Тоа се луѓе кои секојдневно се соочуваат со вакви деца и со нивните страдања, со нивната исклученост и маргинализираност. Нив им треба многу голема поддршка за да можат да се справат. Тоа се деца кои се, условно кажано, на товар на системот ако со нив не може да се носи“, вели Ќостарова Унковска.
Единствено образовен систем заснован на истражување и добри практики може да ги релативизира стегите на традиционалната култура и робувањето на родовите стереотипи, едногласни се експертите.
Цветковиќ вели дека за итна реакција доволно е да се прочита најрадикалниот податок – дека хомо и бисексуалните 15-годишници во Македонија, три пати повеќе сериозно размислуваат за самоубиство од хетеросексуалните врсници.
„Државата е должна да обезбеди заштита на овие млади доколку тие во домот не ја наоѓаат. Сексуалното образование е клучно и за овие млади луѓе. Но, исто така важно е и јакнење на капацитетите на стручните служби во училиштата, бидејќи тие навистина понекогаш и не знаат како да се однесуваат. Понекогаш малтретирањето на овие деца го сметаат за наивна детска игра, нешто на ниво на шега. Во таа смисла потребни се сеопфатни реформи, но, за да се почне со нив мора да се прифати дека ние имаме сериозен проблем во нашите училишта“, смета Цветковиќ.
А колку долго проблемот се игнорира, најдобро покажува трендот на резултатите од овие истражувања кои се спроведуваат на секои четири години. Додека европските просеци се придвижуваат, Во Македонија, од 2002 година, нема речиси никакво статистичко поместување во одговорите кои ги даваат младите.
Даниел Евросимоски
* Темата првично е објавена во емисијата „Мегафон“ на РадиоМОФ