Децата си играа на нишалките, повозрасните разговараа, во позадината се пушташе музика, а на импровизираниот ѕид луѓето ги поставуваа своите стари фотографии кои ги враќаа спомените на жителите на Тафталиџе како нивната населба се менувала низ годините.
Првите „маалски муабети“, како што беше наречен собирот, имаше цел да ги здружи жителите на оваа населба во заедничката намера да се спречи рушење на паркот на улица „Букурешка“. Во неколку наврати последниов месец, тие ја блокираа механизацијата во обидите да почне градба на нова зграда на местото на паркот.
„Овде сум израснал. После мене израснале уште многу генерации. Доаѓа време кога моите деца треба да играат во истиот парк, да им покажувам што сум правел кога јас сум бил како нив. И сега тој филм, тој сон, тоа единствено паркче ни се одзема“, вели Драган Стојановски кој со сопругата и децата беа на собирот.
„Од овој парк немало поубав. Две деца израснавме во парков со мојот сопруг, а ние остаревме тука. Овој парк ми е душа. Ако ни направат нови згради ќе немаме каде да дишеме. Ќе го браниме паркот додека сме живи. Јас прва ќе легнам пред булдожерот кога ќе дојде да копа“, вели Илинка Тевдовска која заедно со сопругот Душан беше на една од ретките клупи во паркот.
Жителите се револтирани од одлуките на Општината и градоначалникот Стевче Јакимовски кои, според нив, се носат без консултации со граѓаните. Тие се сомневаат во мотивите на градежните активности, во кои, како што велат, не се води грижа за јавниот интерес.
Архитектот Дијана Мицковиќ, која упати отворено писмо до градоначалникот, вели дека доколку оваа градежна агресија продолжи, ќе се уништи населбата.
„Тие може да си поднесуваат кривични пријави колку сакаат, но законот и Уставот е на наша страна, на страна на јавниот интерес. Работата е да се издржи и да се сочува оваа јавна површина. Нема да отстапиме. Нема да дозволиме да ни ја земат земјата под нозе и здивот“, вели Дијана Мицковиќ.
Овие луѓе најавуваат дека ќе ги продолжат активностите и во иднина за подигање на свеста и зачувување на јавниот интерес во населбата.