Властите во Мадрид воведоа забрана за возење на половина од приватните автомобили поради проблемот со аерозагадувањето.
Рестрикциите се однесуваат на периодот помеѓу 6:30 наутро до девет часот навечер, а забраната ќе се обновува врз основа на нивото на загаденост. Во соопштението на градските власти се вели дека „возилата со непарен број на регистарска табличка можат да возат само во денови кога е предвидено тие да возат“.
Мерката е воведена откако нивото на штетниот азот диоксид надмина 200 микрограми на кубен метар два дена по ред.
Сепак, има неколку исклучоци кои не подлегнуваат на забраната како мопеди, хрибридни автомобили, оние кои превезуваат три или повеќе луѓе и автомобилите што ги користат лицата со хендикеп. Автобусите, таксињата и возилата на Итната помош, исто така се изземени од забраната.
„Не се работи за рестрикции во сообраќајот, туку поради важноста на јавното здравје“, рече заменик-градоначалничката Марта Игуерас.
„Многу луѓе патат од проблеми со дишење и се многу погодени од загадувањето“.
Со 3,2 милиони жители и 1,8 милиони автомобили, Мадрид често се соочува со високо ниво на загаденост. Воведувањето на „пар-непар“ е трет чекор во справувањето на проблемот со загадувањето.