Македонија доби оценка од 13% за почитувањето на правата на лезбејките, геј луѓето, бисексуалците и трансродовите лица, во последниот извештај на европската организација – ИЛГА, наречен „Мапа на виножитото во Европа“.
Индексот на Илга-Европа ги рангира земјите од 0 до 100% во годишниот извештај кој ја оценува националната легислатива и политиката на човекови права кон ЛГБТ луѓето во Европа.
Оценката ја става Македонија на дното во Европа, заедно со Азербејџан, Ерменија и Русија, Монако и Молдавија, а пред земјава на табелата се наоѓаат сите балкански земји, па дури и Косово со оценка од 14%.
На Балканот најмногу се почитуваат правата на ЛГБТ заедницата во Хрватска (48%), а високо котира и Албанија со 38 %, потоа е Црна Гора со 27%, Србија 25% и Босна и Херцеговина со 20%.
Причините за ваквата ситуација на ЛГБТ луѓето, организацијата ги лоцира во нееднаквоста и дискриминацијата врз оваа популација, говорот на омраза и насилството насочено кон ЛГБТ, слободата на изразување на сексуалната ориентација но и немањето исти права пред законот, во однос на склучувањето бракови или регистрираните партнерства.
Мартин Кристенсен, копретседавач на управниот одбор на ИЛГА-Европа, истакнува дека индексот јасно покажува дека целосно почитување на човековите права на ЛГБТ останува долгорочна аспирација, наместо цел која ќе биде постигната во блиска иднина.
„Ниту една земја во Европа не ги исполнува 100% барањата на нашата „мапа на виножитото“. Во многу земји, борбата се уште се води за основните граѓански и политички права кои повеќето од нас што живееме во демократски општества ги земаме здраво за готово. Уште позагрижувачки е што некои од овие земји се во ЕУ”, смета Кристенсен.
Земји со најдобра оценка се Велика Британија со 77%, Белгија (67%), Норвешка (66%), Шведска (65%), Шпанија (65%), Португалија (65%) и Франција (64%).
Целосниот индекс заедно со методологијата на истражувањето може да го погледнете на следниот линк.
Кристина Озимец