Пред две години, 15-годишниот Ненад Кржев од Гевгелија изрази желба својата долга коса да ја донира за од неа да се изработи перика што би им користела на децата кои се на хемотерапија. Поттикнати од неговата желба и ентузијазам, здружението за едукација на деца и млади Сложувалка, каде тој членува, се обидело да стапи во контакт со неколку домашни невладини организации за да ја продолжат акцијата, но сфатиле дека во државата не постои таква иницијатива, па затоа започнале да соработуваат со холандската организација Stichting Haarwensen каде ја испратиле првата плетенка од Македонија.
„Сликата од донацијата на Ненад ја поставивме на нашата ФБ страница и набргу потоа добивме преку 50 пораки од луѓе заинтересирани да го направат истото. Ваквата реакција беше неочекувана и само ни ја зацврсти желбата да ја прошириме иницијативата и да ја подигнеме свеста кај многумина за една тема која до тогаш не беше актуелна“, велат од Здружението.
Еден несебичен потег пред две години покрена голема заинтересираност во Македонија. До денес, здружението реализирало повеќе од 40 донации на коса, а секојдневно добиваат пораки од луѓе што сакаат да ја донираат својата коса.
„Многу ни е мило што има добри и несебични луѓе во нашава земја што се заинтересирани да донираат коса за од неа да може да се изработи перика која ќе изнуди насмевка кај некое дете“, велат од „Сложувалка“.
Тие нагласуваат дека услов за организацијата да ја прими донираната коса е таа да е природна, нефарбана и неизбелувана, со минимална должина од 30 центиметри. Донираната коса потоа се праќа до фабрика што изработува перики, по што се донираат на децата на кои најмногу им се потребни.
„Сето ова беше сосема случајно. Со организацијата воспоставена е неформална соработка, тие се информирани за нашите активности овде и не поддржуваат во нивната реализација. Заради зголемената заинтересираност и бројот на донирани плетенки, се обидовмеда ја продлабичиме соработката со цел да добиваме перики во Македонија, но заради процесот на изработка и одредени правни работи утврдивме дека тоа не може да се реализира“, забележуваат од здружението.
Покрај донирањето на коса, голема е и заинтересираноста на луѓе кои што сакаат да помогнат на каков било начин во врска со оваа иницијатива, нагласуваат од „Сложувалка“
„Во 2016, бевме исконтактирани од страна на ЕМСА Македонија кои ни понудија соработка за оваа иницијатива да прерасне во проект со цел донациите на коса да останат во Македонија и периките да се подарат на деца болни од рак во Македонија. За жал, и покрај големите напори оваа соработка не даде видлив резултат поради реални (легални, изводливи и персонални) причини“, додаваат.
Нивната порака гласи: „Никогаш не е доцна да се биде хуман, дали тоа е преку донирање на коса или учествување во некоја хуманитарна акција“.
„Со самото тоа што на дете болно од оваа страшна болест може да му се помогне на било каков начин, дури и преку изработка на перика специјално за него/неа влијае позитивно врз самото дете, како физички така и психички. Од оваа несебична иницијатива, понатаму, доколку има можности и услови, може да се развие проект на национално ниво и да вклучи и други активности освен донациите на коса. Сметаме дека преку здружување на неколку поголеми невладини организации може да се аплицира за грант и да се реализира поголем проект кој што ќе го опфати донирањето на коса како и други активности. Едно нешто имаме увидено – проблем е што во Македонија нема заинтересираност за изработка на перики од природна, донирана коса, а заинтересираноста од страна на луѓето е многу голема“, сметаат од здружението.
Но, покрај оваа акција, здружението Сложувалка е локална организација која има за цел да им помогне на младите во Гевгелија преку нивна едукација во повеќе области. Она што тие го забележуваат е недостаток на младински акции.
„Младите се мотивирани, но не знаат како да ги спроведат своите идеи и што треба да направат. Би ни билно многу мило доколку бројот на младински иницијативи се зголеми и повеќе млади учествуваат во истите“, велат од здружението.
„Самото тоа што оваа иницијатива е покрената од дете на возраст од 15 години и стотиците пораки испратени до нас од заинтересирани луѓе, и млади и стари, кажува доволно за заинтересираноста на луѓето од Македонија да донираат коса за деца кои се на хемотерапија“, додаваат тие.
Како пример за мотивираноста на младите гевгеличани, ги наведуваат нивните активности во Волонтерскиот ресурсен центар во Гевгелија, проект реализиран од Фондација Аполонија и ЗЕДМ Сложувалка. Младите кои учествувале на нивните обуки го организирале настанот Ден на млади, кој се оддржува секоја година на 12-ти август по повод Интернационалниот ден на млади. На овој настан младите во Гевгелија пејат, рецитираат, се дружат, разменуваат книги, цртаат графити и играат, а во исто време, учат како е тие самите да водат проект.
Е.П.