Едукација за придобивките и производите од канабисот, како и промена на јавното мислење за него е целта на новата граѓанска иницијатива, која постои од неодамна и која има за цел да ја промени законската регулатива за ова растение, односно да не се смета за наркотична супстанца.
Според активистот Кирил Колеќевски, иницијативата претставува спонтана и силна заедничка желба за промена бидејќи, како што вели тој, канабисот има реална употреба во многу индустриски гранки, а растението има лековити дејства.
„Заинтересираноста е голема и од ден на ден се повеќе се зголемува, што нас особено нè радува. На нашите четири досегашни средби присуствуваа над 150 слободоумни граѓани“, вели Колеќевски за Радио МОФ.
Во иницијативата е дел и организацијата „Зелена алтернатива“ која веќе има организирано семинар со светски истражувачи за лековитите својства на канабисот и маслото што се прави од него.
Според Филип Достовски, еден од основачите на „Зелена алтернатива“, оваа иницијатива претставува борба за легализација на медицинската употреба на марихуаната, која треба да овозможи на човек што е болен, да може сам да одгледува според своите потреби.
„Тука треба да се изнајде некој модел што веќе го има во другите држави. Но, има повеќе модели и ниеден од нив реално не им излегува во пресрет на болните. Ние сакаме во Македонија да учиме од туѓите грешки, да направиме некој модел што ќе функционира тука, првенствено за болни“, вели Достовски.
Според активистот за човекови права Влатко Деков, постојат разни дефиниции што е тоа легализација и согласно на тоа постојат и разни модели за легализација.
„Мислам дека е потребно да биде целосно легализирано производството и поседувањето за лична употреба, а и самата употреба да не се казнува“, вели Деков.
На последниот состанок на иницијативата, одржан минатата сабота, донесена е одлука дека најпрво е потребно во јавноста да се соопштат најновите факти од истражувањата, односно луѓето да се едуцираат со цел да сфатат зошто е потребна легализацијата на канабисот.
„Во изготвување сме на музичко-едукативен настан на „Школка“ во Градскиот парк, кој ќе почне на 20 април и најверојатно ќе трае неколку денови. Ќе настапуваат наши музичари и групи, а ќе има организирано и работилници, предавања, едукација во врска со канабисот и ќе бидат презентирани документарни емисии“, вели Колеќевски.
Имено, за лековитите својства на канабисот и маслото што се прави од ова растение, одамна се зборува и се прават бројни истражувања низ светот. Во едно последно истражување, спроведено од германските хемичари и токсиколози Dirk W. Lachenmeier и Jürgen Rehm, марихуаната е дури 114 пати побезбедна за употреба од алкохолот.
Меѓу другото, светски познатиот активист за легализација на марихуната, Rick Simpson, самиот има направено рецепт за изработка на масло од канабис и најпрво го тестирал на себе откако му бил дијагностициран рак на кожа. Оттогаш, неговата мисија е бесплатно да го шири рецептот, со цел луѓето кои навистина имаат потреба да го користат правилно и да не бидат изложени на измами.
Simpson тврди дека маслото од канабис може да помогне во лекување на болести како што се дијабетес, артериосклероза, мултиплекс склероза, епилепсија, астма, псоријазa или рак. Според други истражувања, канабиноидите во маслото од канабис ги убиваат канцерогените клетки, но немаат влијание врз здравите клетки.
Сепак, во светот се ретки лекарите кои ги потврдуваат придобивките на маслото од канабис во лечењето на овие болести и состојби.
Во однос на законските регулативи, американската држава Алјаска, како и Јамајка се новите држави во кои од неодамна е одобрена или декриминализирана употребата на марихуаната, во медицински или во рекреативни цели. Сепак, единствена светска држава која во целост ја легализирала оваа лесна дрога е Уругвај.
Неодамна српските и хрватските политичари се охрабрија и ја поддржаа легализацијата на марихуната за медицинска потреба гледајќи на ова растенија не како дрога, туку како лек. Македонија пак, има закон за дроги со кој канабисот е забранет согласно конвенциите на Обединетите нации за контрола на дрога од 1961 и 1972 година и оваа класификација се однесува на сите земји-членки на ООН и растението, неговата смола, цвет, екстракт, тинктура, влегуваат во прва категорија контролирани супстанции.
Во земјава, ретки се политичарите кои ја актуелизирале оваа тема. Стојанче Ангелов пред неколку години се залагаше за отворање собраниска дебата за легализација на марихуната, а Зоран Заев во неодамнешно интервју за НОВА ТВ, на прашање од гледач за тоа кој е неговиот став за легализацијата, одговори:
„Сум приврзаник на транспарентност, на можност и за нашите граѓани да користат нешто што им користи на граѓаните од Европската Унија. Значи во тој правец, јас сум поддржувач, но секако внимателно мора да видиме како тоа треба да се спроведе за да потоа не се злоупотреби за користење на наркотични средства и за други употреби“, рече Заев.
Е.П.