Илјадници студенти, професори и граѓани вчера излегоа на масовен протест пред Парламентот во Будимпешта за да го поддржат Централно-европскиот универзитет, кој би можел да се затвори поради нов предлог-закон за измени во високото образование. Меѓу нив имаше и македонски студенти кои за Радио МОФ велат дека ова претставува директен напад врз институцијата, бидејќи негов основач е унгарскиот филантроп и бизнисмен Џорџ Сорос.
Досега против измените се изјаснија добитници на Нобелова награда, амбасадори, други универзитети, академици и академски асоцијации. Вчерашниот протест беше инициран од група студенти од повеќе универзитети, од каде тие побараа автономија на сите универзитети и зачувување на демократските вредности.
„Како студент на ЦЕУ вчерашниот ден и присуството на протестот беше навистина важен момент. Лично сум импресионирана од поддршката која универзитетот ја добива од други универзитети, професори, асоцијации, амбасади и сл. Но најмногу сум импресионирана од брзата мобилизација на студентите и многубројните активностите коишто беа превземени во краток рок. Секој од студентите учествува во информирање околу ситуацијата, секој студент пробува да мобилизира поддршка од државата од која доаѓа и секој студент мобилизира луѓе за протест или петиција“, вели студентката Мануела Демир во изјава за Радио МОФ.
„Лично сметам дека ЦЕУ е особено важен универзитет поради можностите кои ги нуди на студенти кои без финансиска поддршка во форма на стипендија, не би можеле да го продоложат своето високо образование. Би додала дека засега ЦЕУ е единствениот универзитет кој нуди подготвителна програма за мастер студии на студенти Роми од цела Европа. Оваа програма функционира повеќе од 10 години и покажува големи резултати во процесот на подобрување на образованието кај младите Роми. Лично верувам дека евентуалното затварање на ЦЕУ во Унгарија нема да значи прекин на самата програма, но сепак треба да се истакне долгогодишното вложување во истата и уникатноста на самиот универзитет“, додава Демир.
Револтот брзо се прошири на социјалните мрежи преку хаштагот #IstandwithCEU, преку кој студентите постојано се информираат за секоја прмена или одлука на ректорот на ЦЕУ. Демир нагласува дека универзитетот и вработените лица покажале вистинска професионалност во нивниот пристап и начин со кој се справуваат со предизвикот.
„Евентуалното затварање на Универзитетот може да донесе многу предизвици. Од страна на Ректорот на средбата со сите студенти, беше ветено дека Универзитетот нема да престане да работи ниту еден ден. Сепак, доколку се изгласат измените во законот, останува отворено прашањето каде ЦЕУ ќе биде лоцирано“, забележува оваа студентка.
Слично размислува и студентката Драгана Урумовска, која за Радио МОФ вели дека го почитува универзитетот токму поради неговото залагање за отворено и демократско општество.
„Ако ЦЕУ се затвори, тоа ќе биде директен напад врз академската автономија и слободата на интелектуалното творештво. Но покрај тоа, ова ќе биде уште една победа на авторитарните власти во светот. Студентите се мотивирани на секое поле. Никој не застанува и никој не се откажува. Си ги знаеме правата и се бориме за нив“, смета оваа студентка.
„Нуди шанса за квалитетно бесплатно образование. Значи ова е многу важно, бидејќи значи дека шанса за престижно образование имаат и оние кој доаѓаат од пониските слоеви на општеството. Не сакам многу да се повторувам за мисијата на ЦЕУ, мислам дека е познато веќе зошто е ова битно. Но, мислам дека тука е уште поважно да се нагласи дека ова што се случува со ЦЕУ моментално не е уникатно, ниту пак ново. ЦЕУ и слични институции на ЦЕУ кои имаат иста мисија, секаде се напаѓани од десничарските власти. Ова не е прв напад врз ЦЕУ, со години веќе Унгарската влада војува со оваа институција“, додава таа.
За Урумовска овој универзитет е значаен бидејќи таа е студентка на департментот на Национализам,а такви како што појасни, има само три во светот.
Студентката Марија Сулејманова, пак, нагласува дека и покрај ова, наставата се одвива без никакви проблеми.
„ЦЕУ е универзитет на студенти од 117 држави, што значи дека различноста е принцип кој доминира. Таа различност се рефлектира и во знаењето на студентите кои пред се учат од своите колеги. Процесот на учење се темели на критичка мисла и и покрај тоа што студентите учат од материјатли од познати автори, секогаш се остава простор студентот да го изрази своето мислење“, појасни Сулејманова.
Унгарските медиуми пренесуваат дека предлог-законот денеска е доставен до Парламентот, а утре ќе биде ставен на гласање.
Емилија Петреска