Mалала Јусафзаи, девојчето кое беше застрелано во глава од талибанец пред точно една година, преживеа и стана икона на битката за едукација на девојчињата. Во ексклузивното интервју за Радио Слободна Европа, Малала ги отфрла тврдењата на некои скептици во Пакистан дека нејзината приказна е измислена.
„Во јануари 2009-та година беше едно од најопасните времиња во Сват. Секоја ноќ талибанците убиваа по две – три лица на Зелениот плоштад во Мингора. Тогаш, еден ден, татко ми ми кажа дека новинар од Би Би Си барал некој да пишува блог за нив и ме праша дали сакам јас. Секако, му одговорив, бидејки ќе биде добро светот да дознае што мислат луѓето од Сват, посебно децата, девојчињата“, вели Малала.
Својот блог Малала најчесто го читала по телефон, Но, некои Пакистанци мислат дека тоа не е вистина, па дури ни дека било пукано во неа.
„На луѓето кои зборуваат така, треба да им се прости. Во нашата земја има екстремно безнадежни луѓе, разочарани од политичарите. Не е клучно прашање дали Малала беше застрелата или не, јас не барам признанија, Јас барам подршка за образование на девојчињата и за правата на жените. Не ја подржувајте Малала, подржете ја нејзината кампања.“
Малала додава дека таа би сакала да нема сиромаштија во Пакистан, сите девојчиња да можат да одат на училиште и да бидат образовани. Но, некои верски фанатици тврдат дека таа е манипулирана од Западот и оти станува збор за конспирација против Пакистан.
„Сите озборувања за моја вмешаност во конспирација против Пакистан се неосновани. Ситуацијата таму долго време е катастрофална. Нема ден некој да не загине, некој да не биде убиен. Пакистан е моја земја и ја сакам.“
Аднар Рашид, пакистански талибански командант и напиша отворено писмо на Малала во кое ја обвинува дека нејзината кампања не е за едукација на девојчињата, туку против талибанците. На ова Малала одговара:
„Тој има право да го каже своето мислење, а јас имам право да го живеам животот како што сакам. Јас не водам пропаганда против Талибанците, јас само зборувам дека тие забрануваат девојчиња да одат на училиште. Значи, јас сум само против некои работи кои ги прават Талибанците“, истакнува, меѓу другото Малала Јусафзаи во ексклузивното интервју за Радио Слободна Европа.
Еден од поддржувачите на Малала, поранешниот британски премиер, Гордон Браун кој сега е специјален пратеник на Обединетите нации изјави:
„Малала е храбра, одважна, прекрасна млада жена кој му покажа на светот дека решеноста да се застане зад своите принципи може да значи големи жртви, но исто така може да значи и пат кон доброто.“
Браун смета дека Малала веќе доведе до размислување за ситуацијата со образованието на девојчињата во Пакистан. Откако таа беше застрелана во главата во училишен автобус од вооружени талибанци на нејзиниот пат до дома, илјадници ученици демонстрираа за поддршка на девојчињата и нивното право да се едуцираат.
„Кога го посетив Пакистан еден месец откако Малала беше застрелана, открив илјадници девојчиња и момчиња кои ја поддржуваа нејзината кампања и оти владата претстави закони за стипендирање на образованието на три милиони девојчиња.“
Браун додаде дека Малала има големо влијание и во светот со нејзините предавања. Запрашан дали таа има големи шанси да ја добие годинашната Нобелова награда за мир, Браун вели дека таа е веќе добитничка со тоа што образованието на децата го направи важно прашање во светот.
„Луѓето не зборуваат само за важноста на школувањето на девојчињата, сега луѓето зборуваат за тоа зошто 57 милиони деца не можат да одат на училиште бидејќи немаат училишта и ученици или мораат да работат и да стапуваат во брак.“
Малала во моментов живее во Бирмингем, Британија каде што беше лекувана откако беше застрелана минатата година.