Од вчера, на полиците од аптеките стигна долгоочекуваното масло од канабис, кое засега го произведува единствено фармацевтската компанија „Реплек“. Едно шишенце од десет милилитри содржи пет, или седум отсто од ЦБД и 0,2 отсто ТХЦ. Поради малата количина на ТХЦ, овој производ се продава без лекарски рецепт.
Радио МОФ посети неколку аптеки, од каде дознавме дека цената на едно шишенце од овој производ, се движи од 2500 до 3 000 денари. Овие цени, според здруженијата, претставуваат грабеж. Од ХОПС реагираат дека високите цени не овозможуваат лекот да биде широко достапен, бидејќи не е покриен од Фондот за здравство.
„Една од главните забелешки на ХОПС при носењето на законот беше дека, законот не овозможува лековите да бидат широко достапни поради високата цена, сега ќе можат да си го дозволат само финансиски моќни граѓани. Во очекување на маслото кое ќе содржи THC, уште еднаш го повикуваме Министерството за здравство да ги прифати предлозите на ХОПС и производите од канабис да бидат ставени на листата на лекови кои ќе бидат покриени од буџетот на Република Македонија“ стои во реакцијата на ова здружение.
Филип Достовски од „Зелена алтернатива“, пак, вели дека цените во аптеките се многу повисоки од оние на црниот пазар.
„На црн пазар се продаваат масла, кои се со висок процент на ТХЦ, од 50-70 евра. Квалитетно масло со висок процент на ЦБД во Австрија, на пример, се продава еден милилитар за 20 до 30 евра максимум. „Реплек“ продава 10 милилитри масло, во кое има седум отсто раствор. Од тие 10 милилитри, реално има 0,7 милилитри од ЦБД маслото на црниот пазар. Кај нас излегува 40 евра да е 0,7 милилитри ЦБД масло, што значи дека поскапо е да го купиш во аптека, отколку да го најдеш на црн пазар. Законот се смени за пациентите, но во моментов најмногу компаниите ќе имаат ќар“, вели Достовски за Радио МОФ.
Во описот на лекот стои дека може да се користи, меѓудругото, за грчеви во мускули, гадење, повраќање, воспаление, побрза регенерација на мали ранички, подобрување на работата на срцето, при покачен холестерол во крвта, состојба на стрес, анксиозност, нервоза, депресија. Дневно од маслото, како што стои во описот, се употребуваат по пет капки, два пати, кои се капнуваат под јазикот и се задржуваат околу 60 секунди пред да се голтнат.
Законот за медицинска употреба на канабисот, кој беше усвоен на почетокот од годината, предизвика бурни реакции меѓу невладиниот сектор. Според нив, Законот е избрзан и полн со нелогичности, па поради тоа уште повеќе ќе ја ограничи употребата на канабисот при лекување.
Е.П.