Апелираме до сите дека сензационалистичкото известување за местото на живеење, возраста, образовната средина, сексуалното однесување и сл. не само што можат да доведат до индиректно разоткривање на нечиј идентитет, туку и сериозно ги обесхрабруваат луѓето да се тестираат за ХИВ; а оние што веќе се тестирале и се ХИВ-позитивни, ги одвраќаат од тоа да побараат здравствена грижа и да пристапат кон лекување , порачаа од Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ.
Платформата ја сочинуваат 16 граѓански организации кои директно се вклучени во спроведувањето на теренските активности за превенција, грижа и поддршка за ХИВ помеѓу ранливите групи граѓани.
– Апелираме до стручната јавност при известувањето да користи информации кои ќе понудат сеопфатно информирање на јавноста за начините на пренос и превенција од ХИВ, и нема да ја доведат јавноста во паника и да поттикнат стигма кон дел од граѓаните во земјата Апелираме до јавноста дека нема простор за паника доколку во нивното семејство, образовната и животната средина некое лице има ХИВ – велат здруженијата.
Според активистите кои се од оваа платформа, од огромна важност е луѓето кои биле во ризик, што порано да го дознаат својот ХИВ-позитивен статус, бидејќи навремената терапија значи долг, здрав и квалитетен живот. Исто така, терапијата значи и превенција, бидејќи т.н. антиретровирусни лекови ја намалуваат веројатноста за пренос на вирусот по сексуален пат за дури 96%
– Апелираме до Владата на Република Македонија дека по заминувањето на Глобалниот фонд во 2016 година, кога Македонија ќе престане да прима донациски средства за програмите за ХИВ, државата ќе треба да изнајде начин како овие клучни јавноздравствени програми да продолжат успешно да функционираат во соработка на граѓанскиот сектор и Министерството за здравство – велат од Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ.
Во Македонија само еден процент од популацијата прави ХИВ тестирање, а од нив само една четвртина (0,25 отсто) доброволно го направиле тестот. Зголемувањето на опфатот е ХИВ тестирањето кое се прави на доброволна основа, како и обезбедување на навремена терапија, е клучно за контрола на ХИВ инфекцијата.
Има доволно центри за советување и тестирање во државата, како и две мобилни лаборатории кои секојдневно во Скопје и во 11 градови нудат бесплатно доверливо и брзо ХИВ тестирање.