Ограничени сте. Не се чувствувате еднакво со до другите. Некогаш и самите се омаловажувате. Паника, страв, несигурност – не можете интелектуално да се надоградите, да си го довршите образованието… Борбата за работните места не е еднаква. Талкате по системот и наидувате на затворени врати. Кога прв пат ќе побарате да си го кажете проблемот, вие веќе сте го допреле дното, или сте неколку сантиметри под него. Се борите да излезете на површината. Треба некој да ви подаде рака. Првите во тоа се новинарите, за јавноста да може да ве извлече од темниот тунел во кој сте се нашле…
Вака Драги Лулевиќ, од здружението за лица со крвни заболувања „Хемо Вил“, генерално го опишува животот и емоциите со кои се соочуваат луѓето кои западнале во сиромаштија.
И тој самиот поминувал низ овие фази, живеејќи во лоши услови и борба со една од најтешките форми на хемофилија. Вели дека сиромаштијата, трошоците за лекови, семејството и секојдневните потреби, се товар кој човек не може сам да ги носи, додавајќи дека тоа води кон една безизлезна состојба во која се прашувате дали тешкотиите имаат крај.
„Прво, се борите самите со себе дали сакате да бидете виден. Поради агонијата од болеста, сиромаштијата ви е влезена во домот, а љубовта, мирот и благосостојбата ви е избегана низ прозор. Долгорочноста на состојбата ве прави исклучен од општеството“, вели Лулевиќ.
Иако смета дека новинарите во Македонија се пристапни и претежно чесни, сепак во земјава, но и глобално, сиромаштијата е ставена на последното скалило на медиумските известувања. Институциите проблемите за кои известуваат новинарите ги решаваат поединечно, а не систематски. Токму затоа тие се повторуваат од година во година.
Неговата најголема замерка, е тоа што медиумите често не се упорни во проблематиката за која известуваат.
„Известувањето за сиромаштијата може да се оцени како добро, но сметам дека е важно новинарите да се фокусираат темата да не се заборави. Да се навраќаат во текот на денот, утрешниот ден, или денот потоа на проблемот. Ако само еднаш се каже одредена вест, таа ќе проструи и ќе се заборави во истиот ден, но ако се повтори – дали е подобрена или влошена состојбата, тогаш и новинарот има голем фидбек и оној кој е во самиот проблем има верба во тие луѓе“, вели Лаловиќ.
Награди од „невидливите“ за новинарите
Лаловиќ е еден од потенцијалните членови на жири-комисијата во проектот „Награди за новинарите кои пишуваат за невидливите“, на Македонската платформа против сиромаштија (МППС). Се работи за награди за најдобри новинари и стории на социјални теми. Но она што е специфично кај овие награди, е тоа што ќе ги доделува жири-комисија составена од луѓе кои имаат искуство со живот во сиромаштија.
Овој несекојдневен проект се организира за прв пат во Македонија, според искуство од Австриската платформа против сиромаштијата започната во 2010 година на иницијатива на новинарите и лица кои биле во сиромаштија. Наградите не се парични, туку симболични. Во Австрија, на пример, победниците добиваат статуетки во облик на глава од змеј, а во Хрватска светилник, како симбол за промовирање на достоинствено известување за сиромаштијата и новинарство преку кое се прикажува гласот на општествено „невидливите“ лица.
„Доколку станува збор за лица кои се веќе на дното, кои немаат што да изгубат, тогаш за нив веќе не е проблем дали ќе бидат снимени, дали ќе им се гледа лицето, гласот и слично. Тие си бараат чаре да продолжат да живеат. Меѓутоа имаме една друга категорија граѓани, кои живеат во една скриена сиромаштија – да не чујат комшиите, да не чуе маалото. Тие луѓе тешко излегуваат на површина и не сакаат да зборуваат со медиумите – од срам дека ќе бидат обележани во заедницата и ќе бидат третирани полошо, како и страв дека ќе бидат злоупотребени во некаква кампања“, посочува Билјана Дуковска од МППС.
Таа објаснува дека од новинарите претежно добиваат барања за луѓе во сиромаштија, за емотивни прилози и повици за хуманитарна помош за да им се помогне, но додава дека се ретки новинарските стории за проблемите и политиките кои ги натерале луѓето да се најдат во таа ситуација, како и текстови кои би нуделе можен излез од таа ситуација.
„Фокусот треба да се стави на проблемот, а не на луѓето кои го живеат проблемот. Наместо да се таргетираат како објект кој е носител на проблемот, да се стават во улога на некој кој ја знае причината и може да придонесе во неговото решавање“, вели Дуковска.
„Медиумите се клучната алатка за притисок. Не можеме сами. Можеме побрзо да ги идентификуваме проблемите, меѓутоа новинарите ја имаат силата да го истуркаат проблемот на ниво на општествен проблем и да го извршат притисокот за негово решавање. Затоа важно е да бидеме партнери во туркање на работите кон институциите за тие да најдат решение“, заклучува таа.
Проектот е предвидено да трае до крајот на оваа година. Од МППС се уште немаат утврдено каков ќе биде изгледот на наградата која ќе се доделува на новинарите, но размислуваат таа да биде изработена од уметник кој живее во сиромаштија.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во Македонија во 2015 година, 445 илјади македонски граѓани, или 21,5% од населението се сиромашни.
Даниел Евросимоски