Во својот емотивен говор на церемонијата на доделувањето „Златни глобуси“, Мерил Стрип упати остри критики кон новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за имитирањето на новинар со попреченост за време на кампањата, додавајќи дека таквото однесување „дава дозвола“ и други да го прават истото.
„Имаше една улога оваа година која ме шокираше. Не затоа што беше добра, немаше ништо добро во неа, туку затоа што беше ефективна и ја оствари целта. Моментот кога личноста која бараше да седне во најпочитуваната фотелја во нашата земја имитираше новинар со попреченост. Некој од кого има повисоки привилегии, моќ и кој не може да му возврати. Ми го скрши срцето кога тоа го видов и сè уште не можам да го отстранам од главата затоа што тоа не беше филм, туку реален живот“, рече актерката.
Пред салата полна со холивудски ѕвезди , таа додаде и дека постапките на Трамп го легитимирале малтретирањето и дека тоа може да се пренесе во секојдневните животи на луѓето.
„Непочитувањето повикува непочитување, насилството повикува насилство. Кога моќните ја користат нивната позиција за да малтретираат други, сите ние губиме“.
Таа ги повика и медиумите да ја бараат одговорноста од моќниците, додавајќи дека слободата на медиумите е потребно сега да се заштити повеќе од било кога претходно.
Трамп на критиките од актерката одговори нарекувајќи ја „вљубеник во Хилари“, додавајќи дека „не е изненаден“ од нејзините коментари и од тоа што бил нападнат од „либералните луѓе од филмот“. Во изјава за Њујорк Тајмс, тој негирал дека се исмевал на попреченоста на новинарот.
Meryl Streep, one of the most over-rated actresses in Hollywood, doesn’t know me but attacked last night at the Golden Globes. She is a…..
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) January 9, 2017
Стрип не беше единствената филмска ѕвезда која се обрати на Трамп. Виола Дејвис, која ја освои наградата за најдобра споредна актерка, зад сцената исто така зборуваше за новиот американски претседател, посочувајќи дека неговата победа е огледало на Америка.
„Мислам дека Америка внатрешно и надворешно беше потврдување, но мислам дека многу потфрливме бидејќи нема шанси да имаме некој на таа функција кој не е продолжеток на нашиот систем на уверувања. Па, што покажува тоа за нас? Мислам дека ако го одговорите тоа прашање, кажува се“, рече Дејвис.
Британскиот актер Хју Лори се осврна на Републиканската партија во својот говор по добивањето на наградата за најдобар спореден актер, посочувајќи го името на организацијата „Асоцијација на холивудски странски новинари“, која традиционално ги доделува „Златните глобуси“.
„Уште поневеројатно е што ќе можам да кажам дека ја добив наградава на последните „Златни глобуси“ кои се случиле… Не сакам да звучам песимистички, но зборовите „Холивуд“, „Странски“ и „Новинари“ во насловот. Не знам… Мислам и дека за некои републиканци дури и зборот „Асоцијација“ е некако сомнителен“, рече Лори, кој потоа додаде дека ја прифаќа наградата „во име на психопатите милијардери низ целиот свет“.