Иако рокот истекува на 31 октомври, двата големи индустриски капацитети, „Југохром“ од тетовско Јегуновце и „Макстил“ во Скопје се уште ги немаат исполнето стандардите за добивање А интегрирана еколошка дозвола.
„Југохром“ нема ниту почнато со исполнување на оперативниот план, информираше ресорниот министер Нурхан Изаири. Ако до крајниот рок сама не го затвори капацитетот, истакна тој, Министерството за животна средина и просторно планирање ќе постапи согласно Законот.
– „Југохром“ од хумана гледна точка за вработените, но и за целиот регион би било препорачливо сами да престанат додека не ги исполнат еколошките услови. Доколку не ги исполнат условите, на 31 октомври ќе мора да постапиме согласно законот, за што сме и тука за да ги почитуваме законите и Уставот, а законот вели без дозвола понатаму не може да работи, изјави Изаири.
За компанијата „Макстил“, пак министерот појасни дека не се целосно завршени работите за вградување на филтер. Според нивните кажувања, вели Изаири, од 31 овој месец сами ќе затворат додека не се усогласат со законските барања.