Воспоставување на домашна канцеларија, избор и назначување на нов младински претставник на РИКО, отворање на повици за проекти, отворена соработка меѓу младинските организации и државните институции… се дел од активностите кои денеска беа потенцирани на јавната расправа „Младинските организации како дел од Берлинскиот процес“.
Расправата ја одржа Комисијата за европски прашања во Собранието. Таму млади граѓани, пратеници и амбасадори зборуваа за важноста на Регионална канцеларија за младинска соработка, популарно наречена РИКО, потпишана во 2015 во Виена, како дел од т.н. Берлински процес.
Според Дарко Каевски, новиот директор на Агенција за млади и спорт (АМС), Македонија како дел од овој процес придонела да се обезбеди поддршка за младинските проекти со цел промоција на различностите, помирување и размена на младите, културно учење, промоција на вработување и сл. Но, сепак, вели тој, можеби и „сите имаме дел од вината што РИКО не го издигнавме на посакуваното ниво“.
„Политичката криза си го направи своето, меѓутоа сега е време кога разговараме за младите и тие се директно интегрирани во сите општествено-политички процеси. Заложбите на РИКО ги презентиравме фактички, по улиците, низ многу дебати и активности, кога сите заедно чекоревме за слобода, кога си помагавме во непогоди, се поддржувавме за реформи во образованието. Ние сме научени да го одиме потешкиот пат, а сега имаме шанса за ново поглавје – поспокојно и посигурно за сите“, рече Каевски.
Тој напомена дека Регионалната канцеларија се наддоврзува и на младинската гаранција како политика која овозможува шанса за вработување, пракса, тренинг и доедукација.
„Како земја се соочуваме со младинска невработеност од над 50 проценти. Пристапуваме системски кон решавање на овој проблем, со вклученост на повеќе државни институции и соработка со приватниот сектор, а поддршката од Регионалната канцеларија претставува дополнителен стимул и мотиватор за сите нас. Пред се’, ќе бидат на располагање проекти за тренинг за младите со цел да бидат поконкурентни на пазарот на трудот“, рече Каевски, најавувајќи дека се во завршна фаза околу локалната канцеларија.
Блажен Малески, претседател на Национален младински совет на Македонија смета дека ова е една од историските шанси во Република Македонија, бидејќи со Берлинскиот процес се отвори нова врата во младинските политики. Сепак, нагласи тој, за вистински политики треба да се има доверба. Треба да престане времето кога се судираа граѓанските организации со државните институции.
„Треба да разбереме дека наша заедничка работа е иднината на Македонија. Или ќе постапуваме заеднички, или ќе уназадуваме заеднички. Нема друг начин. Берлинскиот процес за прв пат во регионот отвори еден дух на можност за соработка. Институционална соработка помеѓу граѓанскиот сектор, младинските организации и државниот врв“, нагласи Малески.
Регионалната канцеларија во Македонија ја оценува со „делумен успех“. Важно е што се случува, меѓутоа, според него, младинските организации не го добија своето место под сонцето.
НМСМ и повеќе организации досега на повеќе пати реагираа дека избраниот македонски претставник на РИКО, Бојана Наумоска, на нерегуларен начин ја добила позицијата. Наумоска официјално во Собранието е запишана како „Советник за поддршка на работата на пратеничка група во областа на политичкиот систем“, а за нејзниот избор во РИКО веќе беа презентирани документи и низа пропусти. Се одржа и протест.
„Член 16 од Статутот пропишува дека Управниот одбор на РИКО канцеларијата се составува со 2 члена – еден младински претставник и еден претставник од државната инситуција, што во нашиот случај е директорот на АМС, како највисок извршен орган за младите во РМ. За жал, иако пишува дека младинскиот претставник ќе биде избран на транспарентен, инклузивен и фер процес, сепак, младинските организации не го добија местото под сонцето. Во процесура која е бележана во извештајот на НМСМ, се гледа дека учествуваат фиктивни невладини организации, кои што понатаму влијаеа на изборот“, рече денес Малески.
За контроверзите со младинскиот претставник на РИКО се надоврзаа и Дона Костуранова и Александра Филипова од Младинскиот образовен форум (МОФ). Сметаат имало работна група, но младинските организации не добиле претставник.
„Тоа уште подобро може да се посочи со тоа што младинските организации седат тука, а човекот кој го назначи Агенцијата седи во ќошот за гости, а не во делот за младински организации и млади. Затоа, сакаме да апелираме до Агенцијата во најбрзо време, за да може да профункционира и локалната канцеларија, но и да ‘мрднат’ работите од Македонија кон обврските и промоција на РИКО, да се разреши претставникот кој го немаме, а го пишува на документи. Да можеме да распишеме нов избор за легитимен претставник на транспарентен начин, процес кој ќе одговара на правните акти на Македонија и нема да крши никакви правни акти, изгласани од државата во Собранието на РМ“, рече Филипова од МОФ, која е и во Управниот одбор на НМСМ.
Понатаму, според неа, кога ќе го имаат новиот вистински претставник во РИКО, ќе можат целото европско искуство и соработка, конечно да ги почнат да ги искористуваат и за младите во Македонија, наместо само за нивно преставување во странство и амбасадите.
Костуранова од МОФ даде препораки. Веќе ги презентирале и на министри при Самитот во Трст. Во поглед на младинската соработка, се издвоиле четири теми – овозможување мобилност на младите, да се поттикне интеркултурното учење и да се направи образованието потренспаретно, а воедно земјите да учествуваат во стандардизираните меѓународни тестирања и ПИСА и ТИМСС, студии од кои, вели таа „научивме многу за македонското образование и лекции како да го подобруваме“.
„Трето, развој на мрежи за младинско истражувачки институции, затоа што истражувањето и анализата се всушност основата на секоја добра политика. И, за крај, Регионалната канцеларија за младинска соработка и поддршката која треба да ја има“, рече Костуранова.
Според неа, она што следи за РИКО, правно и процедурално, е воспоставување на локална канцеларија во Република Македонија и local branch officer (одговорен за канцеларијата н.з.).
„Потоа, избор на Советодавен одбор кој ќе треба да биде експертски и корисен за РИКО, и нема да ја има само Македонија, туку и целиот регион на ум. Исто така, реизбор на младински претставник за Македонија, кој вистински ќе ги претставува младите и ќе биде избран согласно прописите во државата, но и отворање на првите грантови за владите и многу поддршка од Владите“, нагласи Костуранова, дополнително препорачувајќи повиците за проекти да овозможат услови за аплицирање на младински организации. Да им дадат поддршка за нивен развој и реализација на проекти за млади, како и размени за многу млади преку образование и волонтерство.
Во Собранието зборуваше и Бојана Наумовска. За неа е особена важност да се говори за Берлинскиот процес, како и за РИКО. Воедно ги повика сите организации отворено да разговараат, а не „да се продолжува процесот на блокада на РИКО“.
„Досега сите останати зборувавте за соработка на невладиниот сектор, а ниту еден не напомена дека ги одбивте поканите од мене за неколку средби. Мојата цел беше да има единство на целиот невладин младински сектор, меѓутоа не знам зошто не покажавме подготвеност. И покрај тоа, јас сум повторно подготвена за средби, бидејќи само заеднички можеме да го изградиме тоа што претставува РИКО. Оптимист сум и сметам дека РИКО ќе претставува успех на долг рок. Помина извесен период од нашиот последен состанок на Управниот одбор и резултатите се уште не се видливи, меѓутоа длабоко верувам дека во наредните шест месеци ќе можеме да излеземе со факти кои ќе говорат за важноста на имплементираните проекти. РИКО е нашата шанса за младата генерација на Балканот да направи промени кои ќе бидат клучни за иднината“, рече Наумоска.
Исто како и многумина пред него, Матеј Маневски од Центарот за интеркултурен дијалог потенцираше потреба да се надокнади изгубеното време. Видливоста околу РИКО не е толку голема, смета, истовремено треба да се знае кој ќе биде вклучен во процесот.
„Во Македонија има и многу неорганизирани млади. Треба да се работи на инклузивност, на вклучување на неорганирани млади, од рурални средини, од различни етнички средини и родови заедници… При процесот треба да ни биде на ум дека тој е многу важен за младинските организации, но сепак не треба да влијае на другите канали, процеси што се случуваат. Не треба да влијае на средствата на Еразмус плус програмата и возможните фондови за младинските организации. Треба програма дополнување на постојаното. Но, сепак, позитивно е што има средби, отвореност и јавна дебата“, напомена Маневски.
Бојан Шашевски