Младите граѓани идеолошки не знаат каде се, односно 46 отсто од нив велат дека ниедна идеологија не им е блиска, а пртитоа го користат правото на глас и зборуваат за политика. Овој податок што го добиле од Институтот за социолошко политички правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, покажува доминантна незаинтересираност за нивно вклучување во општествените процеси.
„Кога ќе се постават прашања за тоа каде ние сме вклучени и што можеме да направиме, немаме интерес тоа да го направиме, немаме време, не знаеме каква е постапката и процедурата. Само за теми коишто некаде се случуваат или кога некој друг донесува одлуки ги дискутираме, но кога ние треба да сме активни, да преземеме нешто, нас не нема, туку сме само набљдувачи на целиот процес, а не се вклучуваме во него“, смета доц.др. Бојана Наумовска од Институтот.
Според неа, важно е да се напомене дека на локалните избори нема да се гласа само за програма, туку и за личноста што ја претставува програмата. Токму затоа, вели Наумовска, важно е да се зборува за активирањето на мадите, бидејќи на тој начин се зајакнува квалитетот на демократијата и нејзините процеси.
„За младите е интересно тоа што опаѓа интересот за политичките случувања и тоа не е поради недовербата кон политиката, туку поради разочарување и недоверба во партиите“, забележува таа.
Нивно истражување, направено во 2013 година, покажало дека 82 отсто од младите излегуваат да гласаат, а само 7 отсто решиле да останат дома. Така што, за неа проблемот не е во отсуството на желба за гласање и дискусии, туку волјата за тие да се вклучат во некаков процес. Таа се сомнева дека младите воопшто сакаат да се информираат за своите можности.
„Мислам дека формалното образование е местото каде треба да ги учиме и да се учиме како да донесуваме одлуки, како да дискутираме, како да го браниме својот став. Понатаму веќе е доцна…“, смета Наумовска.
Значењето на младите во едно општество го нагласува и Гонце Јаковлеска, извршна директорка на Македонскиот центар за меѓународна соработка.
„Ако се вели дека ‘народ со таква младина, не треба да се плаши за иднината’, за жал, тоа се однесува за некое минато време. Ние не можеме да избегаме од тоа дека иднината на ова општество е на младите луѓе, тоа е природно, но природно е и општеството да ги поддржи и да ги поттикне“, вели Јаковлеска.
Можеби токму отсуството на ваква поддршка е една од причините зошто младите имаат помалку доверба во процесите, во институциите што ги водат тие процеси, но и во луѓето.
„Сакам да потенцирам дека тој процес на давање од општеството кон младите не треба да биде едностран. Тоа мора да биде двостран, младите мора да си ја земат судбината во свои раце без разлика колку звучи истрошено тоа. Мора сами да се изборат во општеството и да бараат да им биде дадено тоа што го заслужуваат“, забележа Јаковлеска.
„Најдобро би било да има некоја пилула за да не извлече од апатијата, но за жал нема. Тоа мораме самите ние да го направиме. Се додека не барате, никој нема да ви даде“, додаде.
Сепак, за младите да одберат кој ќе ги претставува нивните интереси на локално ниво, потребно е првично да се информираат.
Токму во таа насока, „НЕКСУС – Граѓански Концепт” ја промовираше веб апликацијата „Јас гласам“. Во неа се достапни програмите за 20 општини и нејзе може да ја користат граѓани од која било возраст.
„Дваесет програми се од причина што знаеме дека градоначалниците многу доцна ги објавуваат програмите пред граѓаните и ни беше тешко да ги најдеме. Планираме откако ќе завршат изборите сите останати програми што ќе ги најдеме, да ги допишеме во апликацијата“, информираше Афродита Муслиу од „НЕКСУС“.
Според Славко Миладиновски од ЏЕФ Македонија, демократијата е процес што треба да започне буквално од дома.
„Не треба да бираме врз основа на недостаток на информации бидејки тоа не е реален избор. Треба да знаеме што тој (кандидат за градоначалник) сака и треба да направи, за на крајот постојано да го прозиваме носителот на функцијата за тоа што ветувал. Ако не знаеме што сакал да направи, нема да знаеме што направил. Мораме постојано да се информираме, само така ќе добиеме отчетни институции без разлика дали на локално и национално ниво. Ако некој го оставиме сам да работи, тој го губи контактот со остатокот од граѓаните“, појасни тој.
Миладиновски смета дека правото на глас треба да се разбере и како обврска, бидејќи само тогаш младите ќе имаат мотивација за гласање. При тоа, постојаниот притисок врз носителите на функциите покажува дека гласањето не е единствен чин што го имаат.
„Правото ни е дадено, но со многу години борба за денес да е општо и тајно. Луѓето на моќ имаат тенденција да ги ограничат правата на граѓаните, а тие се тука да ја постават бариерата и да ги заштитат нивните права, барајќи повеќе права и учество“, заклучи тој.
За Стефани Спировска од Младински образовен форум важен момент е да се пренесе вистинската тежина и одговорноста што ја повлекува правото на глас, ако сакаме нешто да се промени.
Нејзиното досегашно искуство при средби со младите покажало дека тие на почетокот негативно ја перцепираат политичката активност, не се сигурни во својата слобода да зборуваат и најчесто се засегнати од тоа што мисли околината.
„Никој не знае како вие гласате, никој не може да види дали сте гласале за една или друга партија и вашето право на глас е еднакво како на оној човек што е највлијателен за вас во општеството“, истакна Спировска.
Истражување на организацијата „Реактор“ од 2012-2016 година покажало дека 70 отсто од луѓето сакаат да бидат вклучени во донесувањето на одлуки на локално ниво, но само 30 отсто од нив веруваат дека може да направат нешто со нивниот глас.
Според Спировска, младите може да се мотивираат ако се пренесе идејата за одговорност и вклучување на младите во демократските процеси од самите почетоци.
„Ако со 18 години станувате свесни за себе, автоматски станувате одговорни и за средината каде што живеете. Одговорност и моќ за да променете нешто во средината и да ги движете работите во насоки што ги сакате, но и да се грижете за нив“, рече Спировска.
Радио МОФ преку видеострим го пренесуваше настанот, а целата дискусија може да ја погледнете во продолжение.
Емилија Петреска